Палевски од скопскиот аеродром веднаш бил спроведен во затворот „Шутка“, бидејќи во отсуство му беше одреден 30 дневен притвор

Љупчо Палевски-Палчо, првообвинет за двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски е екстрадиран во земјава, потврдија вечерва од МВР и Министерството за правда.

Палевски по слетувањето на скопскиот аеродром веднаш е пренесен во истражниот затвор „Скопје“ во Шутка.

Тој лани на 6 декември беше уапсен во Баликесир Туркије, во обид да избега.

Информацијата ја потврди министерот за правда, Кренар Лога на Фејсбук.

„Во мое лично име и во име на Министерството за правда, изразуваме голема благодарност до турските власти, особено до министерот за правда на Република Туркије, Јилмаз Тунч за нивната брза реакција и преземањето на сите мерки за екстрадиција на Љупчо Палевски. Целата постапка се спроведе во релативно краток период за неполни пет месеци.Ова е добар знак за општеството и порака дека правдата ќе ве стигне, каде и да сте!“, напиша Лога на Фејсбук.

И од МВР ја потврдија информацијата за екстрадицијата.

„Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека денеска (15.05.2024) полициски службеници од Секторот за меѓународна полициска соработка на МВР во соработка со турската полиција го завршија процесот на екстрадиција од Република Туркије на Љупчо Палевски (59) од Скопје, за кого беше распишана меѓународна потерница за истрага за кривични дела „грабнување" и "убиство“ по издадена наредба XV KO бр 3047/23 од Основното јавно обвинителство Скопје. Лицето е пренесено во КПУ Затвор Скопје.“, рекоа од МВР.

Поранешниот политичар и бизнисмен е осомничен за убиството на 14 годишната Вања Ѓорчевска која била ликвидирана во близина на Скопје, а претходно истрагата се сомнева дека истата група која му помагала на Палевски го ликвидирала и Панче Жежовски од Велес.

Нивните тела беа пронајдени во ист ден, на 3 декември лани – едното во близина на Скопје, а другото кај Велес. Палевски беше уапсен неколку денови подоцна во Туркије.

Во случајот осомничени се повеќе лица кои му помагале на Палевски при извршување на грабнувањата и убиството, како и при неговото бегство од земјава.

Се очекува негов распит пред истражен судија и негов 30-дневен притвор во посебна ќелија, каде ќе биде под специјален безбедносен режим, без контакт со други притвореници.

За соучество за убиството се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје. Во куќен притвор е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето.

Со мерки на претпазливост за овој случај е и Стефан Димовски, возачот на првоосомничениот за двојното убиство на Вања и Панче, кој е осомничен за помагање при бегството.

TRT Balkan / агенции
Популарни