Фидан додаде дека прашањата во БиХ треба да ги решаваат домашните политичари, без надворешни интервенции / Photo: AA

Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан изјави дека неговата земја го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина и дека сецесионистичката реторика и дејствија никому не му користат и се на штета на сите граѓани на БиХ.

Фидан во четвртокот во Анкара се сретна со министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ, по што беше одржана прес-конференција.

Министерот Фидан ги истакна добрите односи меѓу Туркије и Босна и Херцеговина, нагласувајќи дека двете страни се согласуваат дека има простор за зајакнување на односите и соработката.

Истакнувајќи дека трговската размена меѓу Туркије и БиХ достигна една милијарда долари, Фидан подвлече дека оваа сума треба да се зголеми на ниво што ќе го одразува реалниот потенцијал на двете земји.

Една од темите била борбата против терористичката организација ФЕТО, а Фидан нагласил дека на средбата му рекол на својот колега Конаковиќ дека Туркије очекува посилна соработка и конкретни чекори од Босна и Херцеговина во контекст на борбата против ФЕТО.

„Босна и Херцеговина е клучна земја на Балканот. Мирот и стабилноста на Босна и Херцеговина се важни за сите земји во регионот. Туркије е меѓу земјите со најголем број војници во меѓународната воена мисија задолжена за мировни дејствија во БиХ. Покрај тоа, нашите други придонеси во областа на одбраната ќе продолжат и во наредниот период“, рече Фидан, истакнувајќи дека неговата земја на прашањата во Босна и Херцеговина пристапува со искрен и конструктивен став од објективна перспектива.

Фидан ја истакна поддршката на Туркије за територијалниот интегритет, единство и суверенитет на Босна и Херцеговина и подвлече: „Сецесионистичката реторика и дејствија не одат во прилог на никого и се на штета на сите граѓани на Босна и Херцеговина“.

Министерот Фидан додаде дека прашањата во БиХ треба да ги решаваат домашните политичари преку преговори и дијалог, без надворешни интервенции.


AA
Популарни