Министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши, истакна дека земјата нема да плаќа во рубљи за купување природен гас од Русија, порачувајќи дека државата ги следи западните политики, и дека и доброто и лошото ќе се сносат заедно со западните земји.
Бектеши денеска во Министерството одржа брифинг на кој одговараше на новинарски прашања во однос за мерките коишто се донесени на последната седница на Владата.
Министерството за економија, како што посочи Бектеши, планира во август да прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор и да ја стави во функција Комисијата за енергетска криза, со цел да се обезбедат финансиски средства за компаниите за претстојната грејна сезона, која според предвидувањата, ќе биде една од најтешките досега.
„Таа комисија согласно со Правилникот и одредбите предвидени и во законот и во уредбата која е усвоена од страна на Владата предвидува различни мерки, вклучувајќи ги и рестрикциите“, нагласи Бектеши.
Наведувајќи дека ако сѐ се одвива според планот, и ако нема забрана на увоз на електрична енергија во регионот, не верува дека ќе има рестрикции во земјата, Бектеши рече дека ситуацијата е сериозна и непредвидлива и дека Северна Македонија ќе ја има најтешката зима.
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), како што истакна министерот, вчера донела одлука за обезбедување на 100 милиони евра во делот на ликвидноста за да може ЕСМ во одредени периоди од годината да купува електрична енергија, јаглен и мазут за потребите на сите капацитети.
На новинарско прашање, зошто државата, за да ги задоволи политичките интереси на Европската комисија (ЕК), дополнително ќе го загадува воздухот, користејќи мазут во зимските месеци, а има можност да плаќа во рубљи за купување природен гас од Русија, министерот Бектеши рече дека државата сака да стане членка на Европската Унија и дека ги следи западните политики.
„Секако дека може да се плаќа во рубљи, но нашата намера како држава е целосно да се интегрираме и да станеме членка на Европската Унија. Ние ги следиме западните политики и секако дека кога ги следите тие политики, и доброто и лошото треба да ги сносиме сите заедно“, нагласи Бектеши.