Студенти од белградскиот универзитет, средношколци и просветни работници се собраа пред српското Министерство за образование во Белград, каде одржаа протест „Ви држиме лекција“ и јавен час по солидарност.
Демонстрантите пред српското Министерство за образование ги пречекаа група студенти, граѓани и средношколци кои дојдоа од други делови на градот. Редарите направија кордон пред влезот на српското Министерство за образование.
Насобраните носеа транспаренти на кои пишуваше „Доаѓа нашето време“, „Третата се крена“ и „Слобода“, додека преку звучниците се емитуваа детски песни за заедништво и пријателство.
Зоран Башиќ, професор во Тринаесеттата белградска гимназија, на протестот пред Министерството за образование истакна дека прво и главно барање на просветните работници е сите да застанат зад барањата на учениците.
Башиќ како претставник на средните училишта на протестот „Ви држиме лекција“, нагласи дека зборува во име на илјадници бунтовни колеги.
Тој рече дека ова е момент во кој „сите сме сведоци на излив на енергија од бунтовни луѓе, разбудени се надежите дека е можно да се живее во уредно општество, како и дека сега е јасно дека е тешко да се манипулира со образованите луѓе.
Пред да се соберат пред српското Министерство за образование, студентите од факултетите на Универзитетот во Белград се собраа на Студентскиот плоштад. Оттаму започнаа протестна прошетка до Министерството за образование каде се одржа протестот.
На учениците им се придружија и граѓани и просветни работници. Почетокот на заедничкиот „јавен час“ пред Министерството за образование беше означен со петнаесетминутна почит кон жртвите од уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад.
Имаше и читање на барањата на белградските гимназии, читање книги во тишина и размена на книги со посвети.
Утрово студентите од Нови Сад и Белград заедно тргнаа кон Крагуевац на пат долг 140 километри, каде што треба да пристигнат до 15 февруари, каде што ќе се одржи централен студентски протест на Денот на српската државност.
Кон Крагуевац тргнале и студенти од Ниш.