Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова вчеравечер присуствуваше на приемот, што за учесниците на Конференцијата за обнова на Украина во Берлин го приреди претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер.
Двајцата претседатели остварија куса средба, на која разменија мислења за пост-изборниот период во земјата и формирањето на новата влада и очекувањата за спроведување на реформите на македонскиот пат кон Европската Унија.
Претседателката денеска оствари средба и со генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ.
На средбата било разговарно за плодната соработка со Советот на Европа во клучните реформски процеси во земјава, за високата заемна посветеност, како и за проектите кои преку програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, успешно се реализираат во различни области, а во насока на остварувањето на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Претседателката Сиљановска Давкова, осврнувајќи се на демократскиот капацитет на нашите институции, ги нагласила заложбите за унапредувањето на човековите права и владеењето на правото, како едни од базичните предуслови за напредокот на македонското општество.
На средбата била истакната важноста на темата родова еднаквост и спроведувањето на Истанбулската Конвенција.
Двете соговорнички разменија мислења и за европската перспектива на регионот, како и за нашиот значаен придонес во обезбедувањето на мирот и стабилноста на Европа.