Блокади на патиштата на северот на Косово поради реципроцитетните мерки     Фото: АА

Полицијата на Косово ги затвори граничните премини кон Србија на северот на Косово, Брњак и Јариње, откако локалните Срби ги блокираа патиштата пред почетокот на примената на реципроцитетните мерки од страна на Владата на Косово. Заменик директорот на Полицијата на Косово за регионот на северот, Бесим Хоти, потврди дека локалните граѓани од северот на Косово ги блокирале магистралните патишта од Митровица кон Лепосавиќ и преминот Јариње, како и кон Зубин Поток и кон преминот Брњак. Најрвин во Северна Митровица се слушнаа сирени за предупредување, што беше знак за граѓаните да почнат да се собираат. Потоа почна блокирањето на магистралните патишта со камиони и возила. Претходно денеска, премиерот на Косово Албин Куртин одржа состанок со Советот за безбедност на Косово на кој се разговараше за безбедносната ситуација во земјата, во пресрет на примената на реципроцитетните мерки. Според одлуката на Владата на Косово од 29 јуни, во понеделник на 1 август 2022 година, почнува издавањето на привремени декларациски листови на граничните премини на лицата кои влегуваат во Косово со лични карти на Србија. Исто така, почнува двомесечниот процес на пререгистрација на илегалните регистарски таблички со оснаки од косовските градови, „ПР“, „КМ“, „ПЗ“ и слично, кои ги издава Србија, во таблички РКС (Република Косово). „Нашите институции веќе ги разработија сите технички и административни процедури за спроведување на овие одлуки“, се наведува во соопштението од Владата на Косово. „Институциите на Република Косово остануваат посветени и обединети да одговорат на секоја безбедносна ситуација, секогаш во координација и блиска соработка со нашите стратешки партнери“, се наведува во соопштението. Исто така, продолжува режимот со налепници со кои се прекриваат симболите на државните ознаки на Србија на таблиците на возилата од Србија до 31.10.2022 година.

AA
Популарни