Опозицијата го прекина нејзиниот говор со свирки и вувузели / Photo: AA

Претседателката на Народното собрание на Србија, Ана Брнабиќ, по повод денешните тензии во собраниската сала изјави дека вакво газење на достоинството на Парламентот немало освен на 5 октомври 2000 година, јавува Анадолу.

Опкружена со пратеници од мнозинството, Брнабиќ ѝ се обрати на јавноста, а претставници на опозицијата го попречуваа нејзиниот говор.

„Мора да констатирам дека вакво газење на достоинството не е забележано во историјата на оваа куќа, освен на 5 октомври кога ја запалија“, рече Брнабиќ на прес-конференцијата во собраниската сала.

Опозицијата го прекина нејзиниот говор со свирки и вувузели, а Брнабиќ рече оти „се сомнева дека некој би сакал Србија да изгледа вака“, освен „некои луѓе во Приштина“ и некои медиуми во Хрватска и Босна и Херцеговина.

Седницата на Народното собрание на Србија денес накратко беше прекината по тензиите и турканиците меѓу опозицијата и претставниците на владејачката коалиција.

Пратениците на Собранието на Србија денес расправаат за предлог-буџетот за 2025 година и за придружните закони. Покрај предлог-буџетот за следната година, на дневен ред на седницата има околу 50 точки. Но седницата беше накратко прекината поради краток конфликт меѓу претставници на владејачката коалиција и опозицијата во собраниската сала.

Претставници на владејачката коалиција и опозицијата излегоа пред говорницата држејќи транспаренти, по што дојде до туркање, физичка пресметка и фрлање хартии и истурање вода. Ситуацијата се смири по десет минути кога меѓу спротивставените страни се симна претседателката на Собранието, Брнабиќ, па пратениците од владејачката коалиција ги упати кон нивните места.

Во текот на преносот во живо можеше да се забележи дека претставниците на опозицијата станаа држејќи транспаренти на кои пишуваше „Рацете ви се крвави“ и „Корупцијата убива“, додека претставниците на власта стоеја со транспаренти „Жолт џган, корупција е ваше средно име“.

Конфликтот се случи и на балконот на собраниската сала, каде што претставниците на Владата закачија транспарент на кој пишуваше „Жолтите крадци сакаат граѓанска војна, а Србија сака работа“.

AA
Популарни