Српската премиерка Ана Брнабиќ во текот на посетата на Северна Митровица, испрати порака за мир и толеранција, при што истакна и дека „Србија секој ден и секаде ќе бара формирање Заедница на општини со српско мнозинство на Косово“.
Брнабиќ во текот на својата прва посета на Косово, прво го посети првиот мултимедијален центар во северниот дел на Косово, направен со средства на Република Србија. Голем број граѓани ја дочека со српски знамиња и транспаренти на поддршка.
„Денес сакам оттука да испратам јасна порака, порака на мирот, стабилноста и толеранцијата. Ја пренесувам и пораката на претседателот Александар Вучиќ дека Србија секогаш ќе биде тука за вас“, рече Брнабиќ.
Таа рече дека нејзината посета доаѓа во комплексно време и дека и е драго што со договорот за личните документи е сочуван мирот и стабилноста. Истакна дека следната голема тема на која Србија ќе инсистира е формирањето Заедница на српски општини.
Српската премиерка порача дека Белград инсистира на формирање Заедница со српски општини, која е столб на првиот Бриселски договор за нормализација на односите со Приштина и дека не може да има друг договор за нормализација додека не се исполни првиот.
Брнабиќ наведе дека Србија во последните неколку години многу вложила во српските средини во Косово, како што е мулимедијалниот центар опремен со современа технологија.
„Обезбедуваме нашите деца да останат, да видат дека има иднина“, порача Брнабиќ.
Таа истакна дека не може да се каже дека „Косово е демократско“, кога се има во предвид дека на Србите им било забрането да гласаат на референдумот кој го организирала државата Србија.
„Јас сум горда што сум дел од тимот на претседателот Александар Вучиќ кој е доволно храбар и одговорен и кој се обидува да изнајде компромиси за безбедноста на нашиот народ. Секогаш сме спремни за дијалог во Брисел и јас се надевам дека институциите во Приштина ќе бидат посветени на тој дијалог. Тоа не е само поради европските интеграции, тоа нам ни е потребно поради нас самите“, рече Брнабиќ.
Таа нагласи дека Вучиќ постигнал договор за лични карти за доброто на Србите во Косово, и дека се надева на постигнување договор и за регистарските ознаки. Брнабиќ рече и дека црвената линија во дијалогот е безбедноста на косовските Срби, бидејќи „нема да се дозволи нова „Олуја“ и прогон на Србите.“
Од Северна Митровица, Брнабиќ замина во посета на манастирот Бањска, во општина Звечан, каде ја угости епископот Рашко-призренски и владиката Теодосије.
Во рамките на посетата на Косово, премиерката на Србија ќе ја посети општината Лепосавиќ каде ќе посети социјално загрозено семејство.