Дијабетесот како една од незаразните болести претставува вистинска пандемија, како во светот, така и кај нас, беше истакнато на прес конференцијата по повод Светскиот ден на дијабетесот / Photo: Министерство за здравство на РСМ

Бројот на дијабетичари продолжува да расте во земјава, која е со една од најголемите преваленции на дијабетес во светот поради лошата исхрана, слабата физичка активност и дебелината на граѓаните. Проблем е и недостигот на лекови, беше истакнато на прес конференцијата по повод 14 Ноември- Светскиот ден на дијабетесот, организирана од Научното здружение на ендокринолози и дијабетолози.

Претседателката на Научното здружение на ендокринолози и дијабетолози на Македонија, Татјана Миленковиќ посочи дека скоро 50 отсто од популацијата во земјава живее со зголемена телесна тежина, додека повеќе од 50 отсто се пушачи со лоши навики во исхраната и намалена физичка активност.

„Дијабетесот како една од незаразните болести претставува вистинска пандемија, како во светот, така и кај нас. Во Македонија, за жал, ние сме земја со една од најголемите преваленции на дијабетес во светот, заради тоа што ги имаме сите ризик фактори кои го предизвикуваат дијабетесот, а тоа е дебелината. Кај нас скоро 50 отсто од популацијата живее со зголемена телесна тежина, односно со дебелина, повеќе од 50 отсто пушат и имаат лоши навики во исхрана и уште полоши за физичка активност,“ посочи Миленковиќ.

Според неа, загрижувачки е што младата популација во годините што доаѓаат ќе развијат дијабетес, бидејќи живее со обезност и ќе има понизок животен век од нивните родители, како резултат на незаразните болести кои што се главна причина за смрт во светот.

„Загрижувачки е што младата популација е таа која живее со обезност и која што во годините што доаѓаат, ќе развијат секако дијабетес и не само дијабетес, туку и болести кои што се придружни на дијабетесот, а од кои што умира светската и нашата популација. Тоа се кардиоваскуларните болести, затоа што сите заедно ги делат истите ризик фактори. Значи, нашата општествена улога, како доктори, е да се трудиме да се вратат здравите навики во исхраната, да се конзумира здрава храна, да се прекине со пушење, да се зголеми физичката активност, за да можеме да направиме популација која што ќе ги надживее родителите“, рече Миленковиќ.

Во земјава има 120.000 регистрирани дијабетичари, од кои 4.000 се со тип 1. Иако проблемот со инсулинот е решен, лековите за спречување на компликации се достапни само за мал број пациенти. Од Сојузот на дијабетичари се надеваат на побрзо решение на овој проблем.

„Ние очекуваме прво да се додадат тие лекови на позитивната листа и во буџетот за наредната година да има зголемување за 10 до 15% во споредба со сегашните бројки на терапија што ја добиваат луѓето со дијабетес“, вели Диме Велев, претседател на Сојузот на дијабетичари.

Министерот за здравство Арбен Таравари околу овој проблем со недостигот на лекови појасни дека за тоа ќе одлучува Комисијата формирана од Министерството за здравство.

„Очекувам комисијата која е компетентна и треба врз база на сите податоци и анализи да предложи на Министерството за здравство кои треба да бидат следните лекови на позитивната листа“, изјави Таравари.

Таравари, пак, во своето обраќање истакна дека Министерството овозможува набавка на најсовремена инсулинска терапија и обезбедува систем за континуирано мерење на гликемијата, со кој се овозможува поквалитетен живот на децата со дијабет.

„Во таа насока овозможуваме набавка на најсовремена инсулинска терапија, која обезбедува индивидуализиран пристап за потребите на секој пациент, како и имплементација на инсулинските пумпи онаму каде што е индицирано. Посебно сакам да го истакнам и обезбедувањето на системот за континуирано мерење на гликемијата, со кој се овозможува подобар квалитет на секојдневното живеење на децата со дијабет. Со најновата двегодишна набавка обезбедивме 650 сензори во соработка со Клиниката за детски болести отворен е едукативен центар, во склоп на Клиниката каде изминатиот период се одвиваше едукација за поставување на сензорите кај децата и адолесценти, рече Таравари.

Нашата држава, додаде, спаѓа во земји со низок ризик за појава на детски дијабетес, во однос на другите европски земји, но сепак, како што рече, бројот е со постојана тендеција за пораст во последните години.

„ Дијабетес тип 1, за жал, го погодува највулнерабилниот дел од популацијата, децата и младите, а третманот опфаќа повеќе аспекти, да се промовира висок квалитет на живот, нормален раст и развој на децата со дијабетес“, посочи Таравари.


TRT Balkan / агенции
Популарни