Државниот Буџет е оштетен за повеќе од 32 милијарди денари или за повеќе од 500 милиони евра, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска на прес-конференцијата на која го претстави ребалансираниот буџет за годинава и му порача на Основото јавно обвинителство да реагира.
Според неа, нереални биле проекциите на буџетот за годинава и се трошеле пари за непродуктивни цели. Некои од законските обврски како студентски оброк и дополнителни пари за изборите не биле планирани, но треба да се покријат.
„Можам да кажам дека има многу доспеани обврски и дека не се пријавувани. Понатаму надлежноста е на другите институции. Јас ги кажувам констатираните состојби во Министерството за финансии“, рече таа.
Министерката рече дека со новите проекции се намалува проекцијата на растот, бидејќи првично проектираниот БДП е неостварлив. Инфлацијата е предвидена на ниво од 3,5%, а растот на нето платата за 13%.
„Ребалансираниот буџет ќе изнесува 362 милијарди денари (5,8 милијарди евра), а се очекуваат приходи од 318 милијарди денари (5,2 милијарди евра). Буџетскиот дефицит се зголемува на 720 милиони евра 4,9% во однос на БДП кој е коригиран. Буџетот ќе изнесува 68% од БДП“, рече Димитриеска Кочоска.
Притоа како што рече се обезбедени 4,1 милијарда денари за плати, од нив 1,1 милијарда за бок дотации за плати кои не биле планирани, 5 милијарди денари се планирани за пензии.
Во дел од институциите, како што рече Димитриеска Кочоска, имало предвидени плати само до јуни.
Димитриеска Кочоска рече дека загрижува фактот што голем број државни претпријатија не можат да ги отплатат ратите на кредитите за кои гарантира државата па со ребалансот морало да се определат дополнителен износ на пари.
„5,1 милијарда денари ќе бидат потрошени за долгови на ЈПДП, ЈСП, Железница бидејќи тие не можат да ги платат кредитите за кои државата гарантирала и 600 милиони денари ќе се потрошат за покривање на долгови од судски решенија“.
Министерката рече дека на посебни сметки на повеќе институции се чуваат високи суми на пари кои не се трошат, но затоа пак се создаваат дополнителни трошоци.
Во однос на заемот од Унгарија, министерката рече дека тој веќе е планиран во сегашниот буџет каде што се предвидени 500 милиони евра за покривање на доспеани долгови.
Министерката рече колку што е можно се кратени парите кои се испланирани за буџетите на сите институции, но и кај капиталните инвестиции кои не биле реализирани.
Интегралниот текст од прес конференцијата на министерката може да го прочитате на следниов линк https://vlada.mk/node/36609