Николај Денков, еден од кандидатите за премиер на Бугарија, денеска му го претстави нацрт-кабинетот на претседателот Румен Радев. Денков е кандидат за блокот Продолжуваме со промените - Демократска Бугарија (ПП-ДБ), втората по големина група во парламентот.
Тој го доби мандатот да формира влада од 19 министри, од кои еден е вицепремиер. Денков изрази надеж дека транзицијата од привремената влада ќе биде мирна.
Радев рече дека во најкраток рок ќе има гласањде во парламентот за предлог-кабинетот.
„Се надевам дека при гласањето за доверба пратениците ќе гласаат по своја совест“, рече претседателот.
Радев претходно ги критикуваше обидите на Денков да формира влада. Претседателот Радев управуваше со земјата на начин налик на претседателски систем со привремените влади што ги формираше две години.
Обидите на Денков може да стават крај на праксата на Радев.
Постојан ќорсокак
Кон крајот на мај, двата најголеми сојузи во Бугарија се согласија да формираат коалициска влада во обид да се стави крај на двегодишниот политички ќорсокак.
Коалицијата ГЕРБ-УДФ и блокот Продолжуваме со промените - Демократска Бугарија (ПП-ДБ) се согласија за влада со премиер и вицепремиер на ротација.
Според договорот, Денков и Марија Габриел од ГЕРБ-УДФ ќе бидат премиери по девет месеци во ротационата коалициска влада.