Набавката на нови воени авиони од типот Ф-16 „Блок 70“ од Соединетите Американски Држави (САД) предизвика политички полемики во Парламентот на Бугарија.
Драгомир Заков, министерот за одбрана во Владата на Кирил Петков кој е во оставка, пред Собранието ја образложи ревидираната ценовна понуда и параметрите за набавка на 8 нови авиони Ф-16 од САД, на барање на Бугарија.
Прашањето за набавка на 8 авиони Ф-16 за дополнување на воената флота на земјата, беше прифатено на првото гласање во Парламентот, но предизвика политички полемики.
Министерот Заков, тврдејќи дека во ревидираниот предлог од САД е предложена посовремена опрема за авионот, рече дека тоа ќе биде од корист за Бугарија.
Наведувајќи дека се очекува рутинско одобрување од Парламентот на последниот предлог од САД, Заков рече дека некои сили набавката ја претвориле во геополитичко прашање.
„Се изгубија парите на народот во Бугарија“
Проруските политички сили кои се претставени во Парламентот се спротивставија на одлуката за купување авиони Ф-16 според стандардите на НАТО, чија членка е и Бугарија.
Румен Гечев, потпретседателот на Бугарската социјалистичка партија (БСП), коалиционен партнер на Владата во оставка, кој ја спроведува политичката традиција на поранешната Комунистичка партија, рече: „Нашиот стратешки сојузник во НАТО [САД] со таквата понуда се обидува да нѐ притисне во ќош. Парите на народот на Бугарија се изгубија, а очекуваните авиони сѐ уште не се пристигнати.“
Костадин Костадинов, лидер на опозициската партија „Преродба“, која ја застапува политиката на рускиот претседател Владимир Путин во бугарскиот Парламент, истакнувајќи дека САД ја диктираат политиката на Бугарија, рече: „Нашата Армија беше помоќна пред да влезе во НАТО.“
Второто гласање треба да помине во Парламентот до октомври
Бугарија во 2019 година уплати аванс од 1.256.000.000 долари за купување 8 воени авиони.
Компанијата „Локед Мартин“, производителот на Ф-16, планираше да испорача 8 авиони во 2023 година, за кои се исплатени парите. Производителот, нагласувајќи дека пандемијата на Ковид-19 го нарушила производството, соопшти дека датумот на испорака е одложен до 2025 година.
За финализирање на купувањето на авионите потребно е да има и второ гласање во Парламентот. Второто гласање треба да се одржи до октомври.
Флотата на военото воздухопловство на Бугарија, одговорна за заштита на воздушниот простор на Бугарија, се состои од околу 15 воени авиони од руско производство од типот „Миг“. Од нив само неколку можат да летаат.
Меѓу другото, министерот Заков истакна дека добил понуди од САД за уште 8 авиони од типот Ф-16 за комплетирање на потребите на бугарската воздухопловна флота.