Претседателствувањето со САД - Јадранската повелба во 2024 година го презема Албанија / Photo: МО на РСМ / Photo: Влада на РСМ

Северна Македонија денес беше домаќин на јубилејниот 20. Министерски состанок на земјите членки на САД - Јадранската повелба (А-5), јавува Анадолу.

Министерката за одбрана на Северна Македонија, Славјанка Петровска, заедно со шефовите на делегациите на земјите членки на САД - Јадранската повелба по Министерскиот состанок потпишаа Заедничка изјава во која се обврзаа на засилена соработка со цел зацврстување на регионалната безбедност и стабилност.

По потпишувањето на заедничката изјава, следуваше заедничка прес-конференција на Петровска и помошничката на секретарот за одбрана на САД, Селест Валандер.

„Успешноста на А5 Иницијативата се должи токму на тоа што четири од петте земји членки веќе станаа членки на НАТО и активно придонесуваат кон колективната безбедност и безбедноста на регионот. Токму затоа и денес се обврзавме дека земјите од Иницијативата А5 ќе продолжат да ги поддржуваат сите регионални аспиранти на нивниот пат кон целосна евроатлантска интеграција зашто сите ние цврсто веруваме дека политиката на отворени врати лежи во основните принципи на НАТО и на А5 Иницијативата“, истакна Петровска.

Таа потенцираше дека заеднички став на земјите од А5 е дека останува политиката на отворени врати зашто таа е многу важен инструмент за зацврстување на регионалната соработка и безбедност.

„Во заедничката изјава се согласивме дека продолжуваме да ги поддржуваме барањата на земјите набљудувачи за членство во оваа иницијатива, се разбира доколку тие сакаат да бидат дел од овој форум и подготвени се да придонесат за мирот и безбедноста во согласност со принципите на А5 Иницијативата“, нагласи таа.

Петровска го изнесе заедничкиот став дека досега преку оваа Иницијатива регионот постигна многу, со уверување дека преку постојана заемна поддршка и соработка може да се постигнат заедничките цели за постабилен и безбеден регион.

Таа се заблагодари за континуираната поддршка и лидерство од страна на САД и сојузниците во заокружувањето на евроатлантските аспирации на земјите од регионот и порача дека за зацврстување на безбедноста мора да се интензивира регионалната соработка.

„Размената на информации ќе ни овозможи заеднички да се одбраниме од влијанието на трети страни што може да ја поткопа нашата регионална стабилност“, подвлече Петровска и додаде дека земјите членки успешно ги реализираат заедничките активности, вклучително и поддршката на НАТО-мисијата во Ирак.

Министерката информираше дека земјите од А5 едногласно ја осудуваат неиспровоцираната агресија врз Украина што е закана за глобалниот, европскиот и регионалниот мир и безбедност.

„Остануваме посветени на нашата поддршка на Украина, која има полно право да ги одбрани својата територијална независност и сувереност“, додаде Петровска.

Помошничката на секретарот за одбрана на САД, Селест Валандер, изрази благодарност до Северна Македонија за организацијата на овој Министерски состанок и порача дека силата на А5 Иницијативата не се мери во зборови, туку во дела.

Според неа, САД целосно ја поддржуваат политиката на отворени врати, и рече дека САД се горди на силната врска што ја имаат со земјите од САД - Јадранската повелба.

„Секој чекор што го правиме заедно е исчекор за свет во кој мирот не е само аспирација туку реалност за целата глобална заедница“, рече Валандер.

Помошничката на секретарот за одбрана на САД се осврна и на руската агресија врз Украина, за што рече дека сите земји членки на А5 се едно во нивната одлучност дека активности како оние што ги гледаме во Украина не може да ја обликуваат нашата иднина.

„Стоиме заедно со украинскиот народ, потврдувајќи дека нивната борба не е само за територии, туку за вредности кои сите ние ги цениме и чуваме“, нагласи таа.

Претседателствувањето со САД - Јадранската повелба во 2024 година го презема Албанија, каде што ќе се одржи и следниот Министерски состанок.

Инаку, на денешниот Министерски состанок, покрај Петровска и Валандер, присуствуваа и министерот за одбрана на Црна Гора, Драган Краповиќ, министерот за одбрана на Албанија, Нико Пелеши, заменик-министерот за одбрана на Босна и Херцеговина, Славен Галиќ, и раководителот за меѓународна безбедносна и одбранбена соработка во Министерството за одбрана на Хрватска, Игор Габриќ. Во својство на набљудувачи на состанокот присуствуваа и Ејуп Маќедонци, министер за одбрана на Косово, Немања Старовиќ, државен секретар во Министерство за одбрана на Србија и Аљоша Селан, заменик-генерален директор во Министерството за одбрана на Словенија.

САД - Јадранската повелба (А-5) е иницијатива во која учествуваат САД, Северна Македонија, Албанија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина, додека земји набљудувачи се Словенија, Србија и Косово.

Иницијативата беше формализирана во мај 2003 година кога Северна Македонија, Албанија, Хрватска и САД ја потпишаа Јадранската повелба, која имаше цел прием на трите тогашни земји аспиранти во НАТО.

Црна Гора и Босна и Херцеговина официјално ѝ се приклучија на Јадранската повелба во 2008 година.

AA
Популарни