Нацрт-статутот на Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово (Заедница на српски општини), предложен од Европската Унија и Соединетите Американски Држави, ќе нема извршна власт, изјави денес американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховенер.
Амбасадорот Ховенер на прес-конференцијата пред американската амбасада, на која беа поканети одредени медиуми, рече дека нацрт-статутот на Заедницата, кој му е претставен на премиерот на Косово, Албин Курт, мора целосно да биде во согласност со косовскиот Устав и затоа ќе го провери и Уставниот суд на Косово.
„Сметаме дека овој нацрт ги исполнува овие критериуми и е напишан во согласност со нив. Како што рече Курти во петокот, тој мора да оди во Судот за да се донесе одлука“, рече амбасадорот Ховенер.
Амбасадорот Ховенер нагласи дека во тој документ нема ништо тајно, но дека не е објавен во јавноста бидејќи со тоа се овозможува договор и изнаоѓање заеднички јазик.
Прашан дали постои некој временски рок до кога треба да се формира Заедницата, Ховенер одговори дека земјите од ЕУ, Франција, Германија и Италија го употребиле зборот итно.
„Значи, постои итност, нема причина Владата на Косово да не продолжи со овој нацрт. Премиерот го прифати тоа“, рече американскиот амбасадор.
Курти минатата недела, во текот на известувањето за дијалогот во Собранието на Косово, рече дека нацрт-статутот на Заедницата е усогласен со Уставот на Косово и дека со него се прекинува непризнавањето на границите на Косово од страна на Србите.
Истакна дека Србите ќе немаат автономија надвор од законите и Уставот на Косово и дека нема да донесуваат одлуки без согласност на косовските министерства.
Курти рече дека за време на состанокот што го имал во Брисел на 26 октомври со лидерите на Франција, Германија, Италија и ЕУ бил подготвен да го потпише предложениот нацрт-статут за формирање на Заедницата, но дека Србија одбила да го стори тоа. Курти рече дека не може да зборува за деталите од статутот бидејќи така било побарано од него.
Специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот Косово - Србија, Мирослав Лајчак, во вторникот престојуваше во Приштина и начелно им го претстави овој документ на лидерите на опозициските партии.