Цените на становите во ЕУ во првиот квартал од 2023 година се зголемени за 0,8 отсто во споредба со првото тромесечје лани, иако има намалување за 0,7 проценти во споредба со четвртиот квартал од 2022 година, покажува најновиот извештај на Евростат.
Квадратите најмногу поскапеле во Хрватска, за дури 14 отсто во споредба со лани, па Хрватите, иако се во ЕУ го следат трендот на соседите од регионот, каде исто така цените на становите, просечно, се за десетина проценти поскапи.
Според Евростат, во првите три месеци од годинава цените на становите по Хрватска најмногу пораснале во Литванија-13,1 и Бугарија 9,5 отсто. Цените на становите паднаа само во шест земји, најмногу во Шведска- 6,9 отсто и Германија 6,8 проценти. Во Данска падот е 6,2 отсто, но таму е забележан најголем квартален пораст од 2,5 отсто во однос на последното тромесечје лани. Следат Унгарија со 2,2 отсто, па Хрватска и грчката администрација на јужен Кипар со два отсто зголемување.
Естонија и Унгарија рекордери
Според Евростат, од 2010 година до првиот квартал од 2023 година, кириите се зголемени за 20%, а цените на куќите за 46 проценти, иако станарините се зголемуваат постојано, а цените на становите драстично флуктуирале.
По падот меѓу 2011 година и 2013 година, цените на становите останаа стабилни до 2014 година, а почнаа да растат по 2015 година до четвртиот квартал на 2022 година.
Во овој период, цените на становите се зголемија во 24 земји на ЕУ, а се намалија во три. Најголем раст -и повеќе од двојно има во Естонија (+200%), Унгарија (+180%), Литванија (+146%), Латвија (+132%), Луксембург (+126%), Чешка (+123%) и Австрија (+ 122%). Намалувања беа забележани во Грција (-14%), Италија (-9%) и Кипар (-2%).
Квадратен метар стан во Загреб се продава по просечна цена од 2.400 евра, во Сплит 3.200 евра за метар квадратен, во Риека 1.900, а во Осиек 1.300 евра. Сепак, новите станови во Загреб се продаваат за 3.000, 4.000 па и 7.000 евра од квадрат.
Хрватскиот завод за статистика соопшти интересен податок за главниот град на Хрватска, каде за прв пат во изминативе десет години е забележан пад на цените. Па така, во првото тромесечје цените се намалени за 0,3 отсто во однос на последниот квартал од 2022 година, кога е забележан пад на продажбата на станови за околу 30 отсто.
Како е во регионот?
Како во Хрватска, така и во регионот цената на становите расте во континуитет во изминативе години.
Евидентен е порастот на цените на становите и во Северна Македонија. Цените на становите во Скопје во вториот квартал годинава бележат раст од 1,6 проценти на квартално, а од 12,9 проценти на годишно ниво, објави Народната банка. Просечната цена на квадратот во Скопје е 2.000 евра за квадратен метар.
Над 13% зголемување на цените на становите во Србија
Цените на становите во Србија во првиот квартал годинава се за 13,62 отсто повисоки во однос на истиот период лани, додека во однос на четвртиот квартал лани се зголемени за 2,57 отсто, објави Републичкиот геодетски завод. Иако трендот на раст продолжил, бројот на продадени станови во првото тромесечје е за 15,33% помал во однос на истиот период од 2022 година.
Цените на становите во новоградбите на ниво на Србија се зголемени за 10,48 отсто во однос на истиот период лани, додека старите згради имаат повисок раст на годишно ниво од 15,4 отсто.
Просечната цена на квадрат за старите станови во првиот квартал од годинава во Белград е 2.013 евра, а на новите 2.465 евра, а пред една година чинеле 1.680 односно 2.165 евра. Интересно е дека старите станови во Нови Сад се поскапи од новите. Па така новосаѓани просечно за квадрат за стар стан плаќаат 1.928 евра, а за нов 1.723 евра. Во другите поголеми градови, како што е Ниш, просечната цена за стар стан е 1.221 евро, а за нов 1.351 евро за квадрат.
Албанија: По пандемијата зголемени цените на становите
Анализата на Централната банка на Албанија покажа дека цените на становите се зголемуваат многу брзо, особено по пандемијата. Во споредба со првата половина на 2021 година, просечниот пораст на цените во Тирана до јуни 2022 година беше 15,6 отсто, односно просечната цена на метар квадратен во главниот град беше 1.128 евра. Просечната цена на стан во Тирана била за 35 отсто повисока отколку на брегот и 56 проценти повисока отколку во другите области.
Според моменталните податоци на „Нумбео“ просечната цена на метар квадратен станбен простор изнесува 1.758 евра. Како што се зголемува интересот за купување на становите така расте и нивната цена во главниот град на Косово, Приштина. Според моменталните податоци на „Нумбео“, просечната цена за метар квадратен станбен простор во Приштина изнесува 1.365 евра.
Црна Гора: Над 1.400 евра просечна цена на метар квадратен станбен простор
Според Државниот завод за статистика на Црна Гора, просечната цена на метар квадратен на новоизграден стан во Црна Гора во првиот квартал од 2023 година изнесува е 1.341 евра. Конкретно во Подгорица 1.407 евра, во приморскиот регион 1.392 евра, во централниот регион. 611 евра, додека во северниот регион просечната цена на метар квадратен стан во нова зграда била 1.201 евро. Во споредба со лани, квадратот во Подгорица е зголемен за 142 евра, но цената е намалена за 70 евра во однос на последното тромесечје од 2022 година.
За 10 % повисока цена на новите станови во БиХ
Просечната цена на станбен квадрат во Мостар е 1,280 евра, во Сараево 2,045 евра, а во Бања Лука 1,789 евра, покажуваат ценовниците на агенциите за недвижнини. Просечната цена на новите станови во Босна и Херцеговина во првиот квартал од 2023 година во однос на просечната цена во 2022 година е за 10,1 отсто повисока, соопшти Федералниот завод за статистика. Сепак, бројот на продадени станови е за 1,5% помал.