Чавушоглу: Косово и Србија да постигнат договор преку дипломатски пат    Фото: АА

Министерот за надворешни работи на Туркије Мевлут Чавушоглу по состанокот со вицепремиерката и министерката за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Гервала, изјави дека војната во Украина негативно се одразува врз регионот, но дека Туркије (Турција) ќе ги искористи сите дипломатски средства и нема да дозволи враќање на мрачните денови од 90-тите. По состанокот со неговата косовска колешка Гервала во Приштина, шефот на турската дипломатија рече дека Туркије ги поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово, како и интеграциите на Косово во евроатлантските структури и во другите меѓународни организации. Дипломатски ангажман на Туркије за стабилност во регионот Чавушоглу рече дека на почетокот на посетата на балканските земји престојувал во Белград каде испратил слични пораки за дијалогот на Приштина и Белград во насока дека треба да се постигне договор преку дипломатски пат. „Поддржуваме дијалог на Пришина и Белград, односно на Косово и Србија. Сметаме дека треба да се постигне договор преку дипломатски пат. Освен тоа, случувањата во Босна и Херцеговина, случувањата во регионот и војната во Украина негативно се одразуваат врз регионот. Постојат поуки кои треба да се научат. Видовме дека напнатоста во регионот пораснала. Како Туркије, повеќепати говоревме дека нема да дозволиме овој регион да се врати во мрачните денови од деведесеттите и работиме на тоа. Како земја која има добри односи со сите земји во регионот и може да разговара со сите, ќе продолжиме со ангажирање и дипломатија бидејќи дијалогот е неопходен за траен мир и стабилност во регионот“, рече Чавушоглу. Тој потсети дека посетата на Косово е во рамки на неговата балканска турнеја во текот на која ги посети Србија, Северна Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина и денес Косово, при што нагласи дека е исклучително задоволен од одржаните состаноци. Информираше дека во Пришина синоќа е одржана работна вечера со косовските функционери на која се разговарало за билатералните односи во сите области. Трговската размена Косово-Туркије пораснала за повеќе од 50% Тој најави дека по состаноците со претседателката Вјоса Османи Кадриу и премиерот Албин Курти, ќе ги посети општините Призрен и Мамуша каде живее турската заедница. Истакнувајќи дека економските односи помеѓу двете земји брзо напредуваат, Чавушоглу оцени дека договорот за слободна трговија дава јасни резулати.

„Нашата трговија минатата година пораснала за приближно 53 отсто. Извозот на Косово во Туркије се удвои. Во првиот квартал оваа година имаме зголемување на извозот на Косово во Туркије од приближно 21 отсто. Меѓутооа сметаме дека оваа цифра е недоволна. Веруваме дека Косово има повеќе производи за продажба во Туркије. Како што извозот на Туркије се зголемува во Косово, мораме заедно да работиме на зголемување на извозот на Косово во Туркије“, рече Чавушоглу. Во тој контекст, најави шефот на турската дипломатија, наскоро ќе бидат формирани заеднички економски комисии и ќе се формираат економски форуми на кои ќе учествуваат бизнисмени од двете земји.

Турските инвестиции во Косово овозможуваат вработување на над 10.000 жители Како што рече тој, турските инвестиции во Косово овозможуваат вработување и можност за вработување на повеќе од 10.000 жители, а дека досегашните турски инвестиции во оваа земја изнесуваат 410 милиони долари. Говорејќи за соработката во областа на енеријата, како главна тема во светот кога се зголемени цените на енергијата, Чавушоглу рече дека турските компании, посебно во областа на обновливата енергија, соларната енергија и енергијата на ветер, се подготвени да инвестираат во Косово. „Верувам дека силни компании имаат интерес за такви инвестиции за да се произведува струја и Косово таа струја да ја извезува во блиска иднина“, додаде Чавушоглу. Чавушоглу: Присуството на ФЕТО продолжува да ги труе односите Чавушоглу истакна дека постоењето на терористичката организација ФЕТО во Косово претставува голема пречка во косовско-турските односи.

„Можеме да кажеме дека тоа е единствениот тест, освен тоа немаме никакви проблеми. Затоа што ФЕТО ги продолжува сите видови негативни напори да ги затруе нашите односи. Присуството на ФЕТО, кој се обиде да изврши државен удар во Туркије, во Косово длабоко нè растажува нас и турскиот народ. Не можам, а да не го кажам тоа тука. Гледаме дека во Косово се спроведува истата стратегија како и во минатото. Од една страна продолжуваат да ги трујат младите, од друга страна се зголемуваат нивните вложувања во медиумите. Нивните напори да се инфилтрираат во државните институции продолжуваат на ист начин. Со други зборови, го прават она што го прават во Туркије и во другите земји. Затоа, за нас како Туркије, е важно тоа да го видиме тука во пријателство и братско Косово. Гледаме дека се опасни и по безбедноста и иднината на Косово. Не гледајте во некои земји кои ви велат ‘поддржете ја оваа организација ФЕТО’ или ‘не ја слушајте Туркије’. Ниту една нема да биде од било каква корист утре. Ова е исто така важно во контекст на вашата сопствена безбедност“, рече турскиот министер Чавушоглу. Гервала: Туркије во клучни моменти го поддржува Косово Шефицата на косовската дипломатија Доника Гервала рече дека Туркије во последните децении го поддржува Косово во тешките клучни моменти и на тоа Косово секогаш ќе биде благодарно. Таа рече дека Косово го поздравува секое ангажирање за изнаоѓање стабилно решение за регионот. „Косово има јасна ориентација за интеграциите во сите евроатлантски структури. Како важна членка на НАТО, по руската агресија врз Украина, Туркије понуди свое посредување и исто така е активна на Балканот како неутрален посредник помеѓу Србија и останатите“, рече Гервала. Таа истакна дека ставот на Косво е јасен, а дека „Русија и Србија ги гледа не само како агресивен фактор, туку и како дестабилизирачки фактор за целиот регион.“ Шефицата на косовската дипломатија рече дека е разговарано и за поддршката на Туркије во областа на образованието и здравството, како и дека изразила благодарност на турската Влада за помошта.

AA
Популарни