Девизни резерви на државите во регионот      Фото: TRT Balkan

Енергетската и безбедносната криза предизвикани од војната во Украина и брзиот раст на цената на енергенсите во светски рамки неминовно го наметнуваат прашањето за тоа како државите ќе успеат да се справат со последиците по нивните економии.

Глобалните шокови кои произлегуваат од притисокот за увоз на нафта, енергија и храна предизвикува турбуленции и врз монетарната политика и девизните резерви.

Во продолжение ги презентираме последните достапни податоци за тоа со колкави девизни резерви располагаат државите во регионот во време на светска енергетска криза, односно со колку средства во државната каса ќе ги дочекаат новите предизвици.

Над три милијарди евра Северна Македонија

Според официјалните податоци на Народната банка, Северна Македонија на крајот на јуни располагала со девизни резерви од 3,116 милијарди евра. Најголем дел од нив се хартии од вредност или 73,3 проценти, потоа следуваат валутите и депозитите со 14,5 проценти и монетарното злато со 12,3 проценти. Ова е благо намалување во однос на мај кога девизните резерви биле 3,183 милијарди евра.

Од 2017 до денес девизните резерви биле на највисоко ниво во јуни 2021 година кога изнесувале 4,019 милијарди евра.

Во изјава за медиумите, универзитетскиот професор и член на Советот на НБРСМ Борче Треновски вели дека девизните резерви се амортизерот кој ја гарантира стабилноста на курсот на домашната валута.

„Тие имаат улога да ги елиминираат притисоците, ако се појават и затоа континуирано се кумулираат”, вели Треновски.

Српската државна каса со резерви од 11,9 милијарди евра

Нето девизните резерви на Србија во јули пораснале за 613,9 милиони евра во однос на јуни 2022. Народната банка на Србија излезе со податок дека во јули Србија располагала со 11,9 милијарди евра државни резерви.

„Зголемувањето на девизните резерви е резултат на активноста на Народната банка на Србија на домашниот пазар и купувањето на девизи во износ од 403 милиони евра. Дополнително влијаеше продажбата на државни хартии од вредност на финансискиот пазар, управувањето со девизните резерви, донациите и другите основи во износ од 314 милиони евра како и нето прилив по основ на задолжителните девизни резерви на банката во износ од 264,2 милиони евра”, се вели во соопштението на НБС.

Зголемување од над 13 проценти во БиХ за една година

Девизните резерви на Централната банка на Босна и Херцеговина во април 2022 изнесувале 8,15 милијарди евра. Ова е минимално намалување од претходниот месец , но на годишно ниво е зголемување за 13,7 проценти.

„На намалувањето на нивото на девизни резерви најголемо влијание имал негативниот биланс на купопродажба на конвертибилни марки што е вообичаено за првиот квартал. Во март имаше и зголемена побарувачка за готовина во евра што дополнително влијаеше на намалување на девизните резерви”, рече во интервју за босанските медиуми гувернерот Сенад Софтиќ.

Минимално намалување во Црна Гора

Девизните резерви на Црна Гора во мај 2022 година изнесувале 1,57 милијарди евра. Тоа е приближно ист износ со март 2022 година кога биле забележани 1,55 милијарди.

На крајот на минатата 2021 година Црна Гора забележала ниво на девизни резерви од 1,82 милијарди евра.

Албанија со 4,6 милијарди евра

Според ceicdata.com кој од 1992 година објавува анализи на светски експерти за развиени економии и економии во развој во 213 земји во светот, во Албанија девизните резерви во април изнесувале 4,6 милијарди евра. За разлика од март кога изнесувале 4,5 милијарди.

Највисоко ниво на девизни резерви Албанија имала во ноември 2021 година на што големо влиајние имаше зголемувањето на вредноста на монетарното злато додека најниско во март 1994.

Косово со околу 1 милијарда евра во резерви

Косово во јуни располагало со резерви од една милијарда евра, што е ист износ како и во мај. Највиското ниво од 1,1 милијарда евра било постигнато во декември 2021, а најниското 57,4 милиони евра во декември 2000.

TRT Balkan
Популарни