„БНТ њуз“ пренесува дека сите психијатриски клиники во моментов одбиваат да ја примат 22-годишната девојка, поради недостаток на простор / Photo: Reuters

Девојка на возраст од 22 години денеска избоде тројца мажи во парк во Софија, а еден од нив е во тешка состојба, јавија бугарските медиуми.

Како што е соопштено, девојката во меѓувреме е уапсена.

Очевидци тврдат дека девојка со голем нож нападнала тројца минувачи во Јужниот парк, пренесува бугарскиот портал „Новини“, додавајќи дека насекаде имало многу крв.

Еден од нападнатите, 21-годишник, бил прободен со нож во слезината и веќе бил опериран. Според порталот „БНТ Њуз“ тој е во тешка состојба.

Друг маж, на возраст од 51 година, бил прободен со нож во градите и бил примен во болница за лекување на раните. Неговиот живот не е во опасност.

„Новини“ пренесува дека на дотичната девојка претходно ѝ било констатирано тешко психијатриско заболување, дека била на лекување, но пред неколку месеци била отпуштена, а за неа се грижи нејзината мајка.

Наводно, мајката ѝ рекла на полицијата дека нејзината ќерка одбива да ги зема лековите што и биле препишани и дека нејзината состојба рапидно се влошила во последните денови.

„БНТ њуз“ пренесува дека сите психијатриски клиники во моментов одбиваат да ја примат 22-годишната девојка, поради недостаток на простор.

TRT Balkan / агенции
Популарни