Дигиталната трансформација е еден од клучните предизвици кој ќе придонесе за поефикасно и поквалитетно испорачување на општинските услуги кон граѓаните, како и поголема транспарентност и одговорност во работењето на општинските власти во Северна Македонија. Ова е заклучокот од денешната конференција „Од хартија до пиксели: дигитална трансформација на општините“ што се одржа во Скопје.
Соговорниците велат дека процесот носи директни придобивки и за локалните
самоуправи, преку намалување на трошоците и автоматизација на работните процеси. „Свесни сме дека напредокот на ова поле не е воедначен. Некои институции се понапред во користењето на новите технологии за да ја унапредат својата работа. Поради разликата во ресурсите со кои располагаат, разликите во напредокот се присутни и кај општините.“, порача Славица Грковска, заменичка на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење.
Според неа, важен е стратешкиот пристап, односно обезбедување услови и градење атмосфера во која сите делови од системот ќе се придвижат напред и ќе се модернизираат.
„Дигитализација треба да се одвива паралелно на централно и на локално ниво, затоа што граѓанинот во основа не го интересира кој ја дава услугата, туку колку лесно и брзо може да ја обезбеди“, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов.
Според него, неопходна е дигитализација на општините затоа што граѓанинот сака пристапни, брзи и транспарентни услуги.
„Сега сме во фаза кога нѝ е потребен посистематски приод и наместо општина по општина да го примениме пристапот услуга по услуга. На тој начин услугата е воеднаечена во сите општини, а трошоците за нејзино обезбедување можат да ги споделат сите општини преку набавка на заедничка опрема“, истакна Пенов.
Швајцарија е еден од најголемите поддржувачи на демократизацијата и децентрализацијата во државата, процеси при кои дигиталната трансформација игра значајна улога.
„Дигитализацијата е еден од темелите на напорите на Швајцарија за развојна соработка, и на глобално ниво и тука во Северна Македонија“, изјави Вероник Улман, амбасадорка на Швајцарија во Република Северна Македонија.
Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) преку своите проекти ја поддржа
имплементацијата на ЛОГЕС – првиот софтвер за е-услуги на локално ниво во државата, кој веќе оперативно функционира во 18 општини. Дополнително, УНДП имплементира иновативни дигитални алатки за поголема транспарентности и одговорност во работењето на локалните самоуправи, а работи и на развој на македонски модел на е-општина.
„Сите овие активности што ги спроведуваме се доказ дека дигиталната трансформација не се однесува само на технологијата туку и на транспарентноста и на подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните. Процесот на дигитализација на општините не може успешно да се спроведе без градење партнерства помеѓу сите инволвирани страни, вклучувајќи ги и граѓаните со нивните потреби и очекувања“, рече Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП.
На денешната конференција учествуваа претставници на државни институции, општините, граѓанскиот сектор, бизнис секторот, кои ги споделија своите мислења за тоа како треба да продолжи процесот на дигитална трансформација на локалните самоуправи во Северна Македонија.