Меморандумот го потпишаа министрите Алиу и Дукај / Photo: AA

Северна Македонија и Црна Гора потпишаа Меморандум за разбирање во областа на дигитализацијата и информатичката безбедност.

Меморандумот во Скопје го потпишаа министерот за информатичко општество и администрација на Северна Македонија, Азир Алиу, и министерот за јавна администрација на Црна Гора, Мараш Дукај.

По потпишувањето на Меморандумот двајцата министри дадоа изјава за медиумите во која ја истакнаа потребата од зголемување на соработката.

Министерот Алиу рече дека со неговиот колега од Црна Гора разговарале за формите на соработка, а го информирал и за активностите во рамките на Министерството, вклучително и Агенцијата за дигитална трансформација.

Тој изјави дека се разговарало и за соработка и заедничко аплицирање за проекти поврзани со програмата Дигитална Европа.

„Исто така, го информирав министерот и заедно разговаравме за можноста за аплицирање во Пејпал, знаете дека барањето и на стопанството и на граѓаните е што поскоро да има двонасочна комуникација во Пејпал и можностите се многу поголеми да аплицираме како две земји што сме заинтересирани да ја имаме и оваа инфраструктура“, рече Алиу.

Министерот Дукај рече дека двете земји немаат отворени прашања, нагласувајќи ја потребата од интензивирање на односите, договорите и соработката на секое поле.

„Ние сме подготвени за соработка и овој Меморандум, кој формално го докажува тоа, сигурен сум дека нема да остане само на хартија, но ќе продолжиме да работиме на подобрување на дигиталната инфраструктура и киберсигурноста“, рече Дукај.

Тој посака што поскоро да бидат видливи резултатите од потпишувањето на Меморандумот, вклучително и во делот за реформата на јавната администрација.

TRT Balkan / агенции
Популарни