Државниот врв на Северна Македонија со честитки по повод Курбан бајрам

Државниот врв на Северна Македонија упати честитки по повод големиот муслимански празник Курбан бајрам до поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ) и до сите граѓани од исламска вероисповед во земјата.

Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, повика во духот на празникот Курбан бајрам, „да продолжиме да ја градиме нашата држава на темелите на разбирањето, соживотот и грижата за другиот“.

„Ви посакувам празничните денови да ги поминете во слога, хармонија и благосостојба помагајќи им на сите на кои им е потребна помош, поткрепа и разбирање. Курбан бајрам, празникот кој се темели на солидарноста и дарежливоста, нека биде поттик на сите граѓани за заедничко надминување на предизвиците во нашето мултиетничко општество“, стои во честитката на претседателот Пендаровски.

Честитка упати и премиерот Димитар Ковачевски, кој порача овие празнични денови да поминат во мир, љубов и радост во домовите.

„Нека овој ден нè зближи уште повеќе во нашите заеднички напори за промоција на демократските и европски вредности во духот на мултикултурализмот, по што сме препознатливи во светот. Како што овој празник се одбележува преку сплотеноста на заедничката трпеза во кругот на семејството, роднините и пријателите, така да бидеме сплотени на нашиот пат кон приклучувањето во големото европско семејство“, потенцира премиерот Ковачевски во неговата честитка упатена по повод празникот Курбан бајрам.

Исто така, честитки упатија и претседателот на Собранието, Талат Џафери, шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, како и други државни и политички лидери.

TRT Balkan / агенции
Популарни