Државниот врв, како и лидерите на политичките партии на муслиманите во земјава им го честитаа Рамазан Бајрам, еден од најголемите празници на луѓето со исламска вероисповед.
Техничкиот премиер Талат Џафери упати честитка за празникот Рамазан Бајрам до поглаварот на Исламската верска заедница, Реисул Улема Х. Хфз. Шаќир еф. Фетаи, како и до членовите на Ријасетот, муфтиите и до верниците од исламска вероисповед.
„Посакувам Рамазан Бајрам да донесе здравје, мир, благосостојба и хармонија во душата, во семејството, во државата. Тоа е празник што ги обединува семејствата, блиските, пријателите, соседите низ векови, пренесувајќи ја вредносната порака дека само заедничката среќа носи вистинска среќа“, истакнува Џафери во честитката.
Тоа е празник, како што посочува Џафери, кој поттикнува солидарност и духовна сила кај луѓето за меѓусебна почит, за трпение и разбирање, како единствен пат кон посакуваниот мир. Затоа, истакнува тој, да правиме добри дела, да бидеме секогаш еден до друг и со подадена рака еден кон друг да напредуваме сите заедно.
„Ви посакувам добро здравје и сила за вршење на благородната мисија што ја имате, да ги упатите на прав и чесен пат припадниците на исламската вера. А ние, како политичари, уште посилно ќе го поддржиме градењето на нашата заедничка држава, исполнувајќи ги правата и обврските на секоја заедница, за продолжување на успешната приказна на мултиетничка држава во регионот, којашто во ова време на глобалните предизвици се покажа како исклучително неопходна за семејството на европски држави. И верувам дека ќе продолжиме така кон вистинскиот пат. Честит Рамазан Бајрам!“, напиша Џафери во честитката до поглаварот на ИВЗ, Фетаи.
Претседателот Стево Пендаровски, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед и до поглаварот на Исламската верска заедница.
„Големиот празник го означи крајот на триесетдневниот пост од утро до мрак во кој секој муслиман покрај од храната и пијалакот се откажува и од лоши мисли и дела, посветувајќи се на молитва и на духовност. Како еден од столбовите на исламот, Рамазан е месец на добрина, милост, љубов и простување. Токму во духот на празникот, не само во претстојните три празнични дена, туку и во текот на целата година да живееме во мир и во хармонија, да бидеме солидарни и љубезни, исполнети со среќа и со радост. Сите сплотени да споделуваме со нашите ближни, со нашите поблиски и подалечни соседи, визија за благосостојба, просперитет и развој на нашата заедничка татковина“, истакнува претседателот Пендаровски во честитката.
И Претседателот на Собранието, Јован Митрески, упати честитка до поглаварот на ИВЗ и до граѓаните од исламска вероисповед посакувајќи им денешниот ден да го поминат во среќа, благосостојба и во хармонија со своите најблиски.
„Верувам дека, по еден месец пост, сите Ваши желби ќе бидат слушнати, а меѓусебната почит, разбирањето, толеранцијата и хуманоста, кои треба да бидат одраз на секој човек, ќе помогнат тие да се исполнат. Верските празници го воздигнуваат човекољубието, така што изминатиов месец покажавме дека не е важно на која религија припаѓаме, туку е важна меѓусебната почит и разбирање, кои нѐ прават сите нас подобри и духовно побогати“, наведува Митрески во честитката.
Тој нагласува дека во тоа се и убавините на ифтарските вечери, на кои, како што вели, го покажавме меѓусебното разбирање и толеранција, но и споделивме заеднички моменти, кои секогаш ќе останат во нашите срца.
„Почитуван Фетаи, Вам ви посакувам добро здравје и волја и мудрост во својата мисија да бидете водач на верниците и да бидете нивна поддршка во сите искушенија со кои се соочуваат. Заедно да ги воздигнуваме вредностите што обединуваат. Празникот Рамазан Бајрам нека донесе мир во срцата, спокој во душите, радост и слога во домовите! Честит Рамазан Бaјрам“, нагласува Митрески во честитката до Реисул Улема на Исламската верска заедница Шаќир Еф. Фетаи и до граѓаните од исламска вероисповед.