Од 80 отсто преброени гласови Пендаровски освоил 198.288 или 29,24% / Photo: Фејсбук Стево Пендаровски

Актуелниот претседател Стево Пендаровски вечерва им ја честиташе победата на својата противкандидатка Гордана Силјановска Давкова, како и на ВРМО-ДПМНЕ кај изборите за пратеници во Собранието.

„Резултатите се јасни и немам намера подетално да ги разлагам. Согласно резултатите досега им честитам на победниците, да им посакам успешна работа во следните четири, односно пет години. Мојот концепт за мултиетничка Македонија денеска не доби мнозинска поддршка од граѓаните. Јас сум уверен дека само таква Македонија може да биде просперитетна и демократска држава. Мојата совест е мирна, но не сум сигурен дека совеста им е мирна на оние кои тргнувајќи од тесно партиски и лични политички интереси, денеска ефективно спречија илјадници наши граѓани да го земат второто ливче и да гласаат и на претседателските избори“, рече Пендаровски.

На новинарско прашање дали слабиот резултат на СДСМ е виновник за неговиот пораз Пендаровски рече дека влегол во изборната трка знаејќи дека рејтингот на партијата не е така добар како пред неколку години.

„Неколку месеци пред да ја најавам кандидатурата реков дека е битно да имате партиска поддршка бидејчи живееме во држава која е силно партизирана. За жал партократските елити и ден денеска се посилни од граѓанската компонента. Ми беше битно да видам во каква кондиција ќе биде коалицијата од 15 партии предводена од СДСМ, па пред Нова Година на последните сондажи знаев дека имам поголема доверба кај граѓаните отколку СДСМ и партиите. Тоа ми даде за право да се надевам дека можам да бидам рамноправен натпреварувач во оваа трка. Она што денеска се случи ми оневозможи да бидам равноправен кандидат. Стотици илјадници граѓани беа оневозможувани на систематски организиран начин да земат второ ливче. Убеден сум дека оние 330.000 гласови од првиот круг на кандидатите кои отпадна во првиот круг се далеку поблиску до мојот политички концепт за ваква Македонија за која се залагам целиот мој живот, отколку на концептот на Силјановска. Но од за мене непознати, но од тесно партиси интереси беа спречени луѓето да гласаат и за претседател, рече Пендаровски.

Според официјалните информации од Државната изборна комисија, од над 80 отсто преброени гласови Гордана Силјановска Давкова освоила 439.614 гласови или над 64 отсто, за Пендаровски гласале 198.288 граѓани или над 29 отсто гласови.

TRT Balkan / агенции
Популарни