ЕК: Борел на одделни средби со Вучиќ и Курти во Париз / Фото: AA

Високиот претставник за надворешна политика на Европската Унија (ЕУ) Џозеп Борел престојува во Париз каде денес како модератор на дијалогот за нормализација на односите со Белград и Приштина најпрвин ќе се состане со премиерот на Косово Албин Курти, а потоа и со претседателот на Србија Александар Вучиќ, соопшти Европската комисија.

Портпаролот на Борел, Петер Стано, изјави дека шефот на дипломатијата на ЕУ со Вучиќ и Курти ќе има одделни состаноци, кои имаат за цел продолжување на напорите на Унијата да им помогне на страните да ги намалат тензиите и да направи напредок во дијалогот во кој ЕУ посредува.

„Тоа се обидуваме да го направиме откако почна последната ескалација помеѓу двете страни. Високиот претставник, како модератор на дијалогот, ги продолжува своите напори во таа насока. Тој разговараше лично со нив неодамна и ова е уште една можност да им ги пренесе клучните пораки за да може да се тргне напред во овој дијалог“, рече Стано.

Борел за време на посетата, во текот на која учествува на Парискиот мировен форум, ќе разговара со „партнерските земји за големите кризи на кои денес мораме да одговориме, како што се агресијата на Русија на Украина и нејзините глобални последици, тензиите меѓу Косово и Србија, европското ангажирање во Сахел и политичката ситуација во Венецуела“, наведе Комисијата.

Високиот претставник ќе разговара за потребата на „повторно осмислување на мултилатералниот систем, за да тој се зајакне соочен со повеќефакторските кризи со кои светот се соочува“, соопшти Европската Комисија.

TRT Balkan / агенции
Популарни