Во пресрет на најтешката зима во последните години и соочени со глобална енергетска криза, земјите од Западен Балкан се подготвуваат за бројни потешкотии поради прекинот во снабдувањето со електрична енергија. Анализата на ТРТ Балкан покажува дека балканските земји главно зависат од увозот на струјата. Домашното производство е под европскиот просек во сите земји од Западен Балкан. Додека, пак, во услови кога се очекува секоја земја да се соочи со проблеми поврзани со снабдувањето со електрична енергија, во ризик е и увозното снабдување. Дополнително, од почетокот на енергетската криза нагло поскапе струјата на берзата.
Зависност од увозот на струја
Од балканските земји, Северна Македонија е најзависна од увозот на струја. Податоците покажуваат дека речиси 2/3 од потрошената енергија во земјава е покриена со увоз. Ова е двојно повеќе од просекот за регионот.
Во сите други земји, увозот покрива меѓу 25 и 35 отсто од потрошената енергија. Останатите пет земји од Западен Балкан: Албанија, Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина се подобри од просекот на Европската Унија (ЕУ) во овој поглед. За земјите-членки на ЕУ, просечната увозна зависност е 57,5%.
Домашно производство
Албанија и Северна Македонија, двете земји од Западен Балкан кои се најмногу зависни од увоз на електрична енергија, имаат и најниско домашно производство во споредба со регионот. Албанија произведува само 1,9 гигават часови на 1.000 жители, додека Северна Македонија 2,6 гигават часови на 1.000 жители годишно.
Косово произведува 3,8 гигават часови електрична енергија на 1.000 жители годишно, додека Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија надминуваат 5 гигават часови на 1.000 жители. Сепак, ниту една не го достигнува просекот на земјите од Европската унија, каде домашното производство во просек изнесува 6,2 гигават часови на 1.000 жители.
Обновлива енергија
Обновливата енергија е енергија добиена од природни ресурси кои се надополнуваат побрзо отколку што се трошат. Сончевата светлина и ветерот, на пример, се такви ресурси кои постојано се надополнуваат. Обновливите извори на енергија се многубројни на Балканот, но инвестициите во нивната употреба за производство на електрична енергија се релативно ниски.
Во некои земји, дури и оние инфраструктури што се изградени не се добро управувани и производството не е максимизирано. Во Северна Македонија, на пример, производството на хидроенергија значително се намали во последниве години, според властите, поради лошото управување со водата.
Бројките покажуваат дека Босна и Херцеговина покрива најмногу потрошувачка на енергија од обновливи извори, речиси 1/3 од вкупната потрошувачка. Само Косово и Црна Гора надминуваат 20 проценти, додека Северна Македонија и Албанија се уште полоши (12% и 15%).
Како ќе се снабдуваме во зимската сезона
Балканските земји ги активираа сите капацитети во подготовка за врвот на енергетската криза, кој се очекува да биде во текот на зимската сезона. Властите се обидуваат да го зголемат домашното производство со оспорување на границите на достапната инфраструктура. Но, јасно е дека тоа нема да биде доволно и сите земји ќе мора да увезуваат.
Северна Македонија, Албанија и Србија во рамките на регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ потпишаа меморандуми за взаемна помош во енергетската криза. За справување со кризата помош од Европската унија побараа и земјите од Западен Балкан. На првиот состанок на иницијативата на новата континентална европска политичка заедница, премиерот на Албанија, Еди Рама, побара од земјите од ЕУ да не ги оставаат балканските земји на мира.
„Договорено е нашите министри за енергетика, односно министрите за енергетика од нашиот регион, да бидат повикани на вонредниот министерски состанок што ќе се одржи во Прага со сите министри за енергетика за да се разгледа прашањето за енергетската криза како европско прашање, и не како чисто прашање на ЕУ“, изјави Рама по првиот самит на Европската политичка заедница во Прага.
Но, секоја од државите посебно одржува и билатерални средби и разговори за да се обезбеди непречено снабдување со електрична енергија. Високи делегации на Владата на Северна Македонија, предводени од премиерот, веќе ги посетија Туркије, Грција и Бугарија, со кои разговараа за снабдување со електрична енергија. Премиерот Димитар Ковачевски најави дека Туркије се согласила да ѝ продава струја на земјава по двојно поевтина цена од цената на берзата.