Пред зградата на Собранието на Северна Македонија ескалираа протестите против францускиот предлог     Фото: АА

На протестите против францускиот предлог за решавање на спорот помеѓу Бугарија и Северна Македонија во Скопје повторно дојде до ескалација, откако дел од демонстрантите ја урнаа оградата пред Собранието и се судрија со полицијата.

„Ултиматум! Не благодарам“, „Не за францускиот предлог“, беа паролите кои ги извикуваа демонстрантите собрани пред зградата на Владата на Северна Македонија, кои потоа се упатија кон Министерството за надворешни работи, како и пред Собранието.

Состојбата на протестите ескалираше кога група демонстранти се судри со полицијата, откако претходно дел од демонстрантите кон Собранието и полицијата, која ја обезбедуваше собраниската зграда, фрлаа разни предмети и пиротехника.

Полициските припадници уапсија неколкумина од демонстрантите. Ситуацијата потоа беше ставена под контрола, а демонстрантите порачаа дека ќе продолжат со протести во наредните денови.

Ова е четврти ден од протестите против францускиот предлог.

Францускиот предлог е документ кој треба да доведе до отстранување на двегодишното вето од страна на Бугарија за интеграција на Северна Македонија во ЕУ. Предлогот, меѓу другото, содржи и вметнување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија.

На 30 јуни до Владата на Република Северна Македонија, преку Министерството за надворешни работи, од француското претседателство пристигна нов предлог, по што започна консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор.

За разлика од Владата која го поддржува актуелниот предлог, опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски, ги повикаа граѓаните на протести порачувајќи дека францускиот предлог е ист како и претходниот и ги содржи „сите бугарски барања во делот на јазикот, историјата и идентитетот“.

Денес во посета на Скопје беше претседателот на Советот на Европската Унија, Шарл Мишел, кој се состана со претставниците на државниот врв. Тој упати порака дека ако Северна Македонија го прифати францускиот предлог првата меѓувладина конференција со ЕУ би можела да се одржи во следните неколку дена.

Според Мишел, предлогот за тргање на бугарското вето е урамнотежен. Тој порача дека Северна Македонија се наоѓа пред историска можност.

За утре е најавена средба помеѓу координаторите на пратеничките групи во Собранието на Северна Македонија, како и на други претставници на парламентарните партии околу заклучоците коишто треба да бидат разгледани и усвоени од Собранието.

TRT Balkan / агенции
Популарни