Советот за општи работи на Европската унија (ЕУ) донесе заклучоци за проширувањето за земјите од Западен Балкан, во кои се наведува дека процесот на проширување е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот.
„Добрососедските односи и регионалната соработка во Западен Балкан остануваат суштински елементи на процесот на проширување, како и на процесот за стабилизација и асоцијација. Советот забележува дека сè уште се потребни одлучни напори за поттикнување на помирувањето и регионалната стабилност. Советот силно ги охрабрува партнерите да ги решат своите билатерални спорови и прашања наследени од минатото, во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи, вклучително и Договорот за прашања за сукцесија“, се вели во соопштението.
Се додава дека нерегуларната миграција останува итен предизвик кој бара континуирана соработка и координација со сите партнери.
Советот, исто така, ги пофали земјите од Западен Балкан за нивната конструктивна соработка и Туркије за нејзините континуирани напори за прифаќање на една од најголемите светски бегалски популации.
„Руската агресивна војна против Украина ја нагласува важноста на проширувањето како стратешки приоритет за ЕУ. Советот ја потврдува својата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западен Балкан, Украина и Молдавија во ЕУ. Туркије останува земја кандидат и клучен партнер во многу области од взаемен интерес“, се вели во соопштението.
Советот ја поздрави одлуката на новата Влада на Северна Македонија да ја прогласи интеграцијата во ЕУ за своја стратешка цел и истакна дека официјално Скопје не ги направи уставните измени на кои се обврза.
„Советот ја потврдува својата подготвеност да свика уште една меѓувладина конференција, без натамошно одлагање, веднаш штом Северна Македонија ќе ги исполни своите обврски, во согласност со внатрешните процедури. Потоа, Советот е подготвен што поскоро да го отвори првиот преговарачки кластер согласно Преговарачката рамка“, се наведува.
Кога станува збор за Босна и Херцеговина, Советот ја поздравува посветеноста на политичкото раководство, кое, како што е наведено, донесе опипливи резултати и придонесе за мартовската одлука за отворање на пристапните преговори, но изразува жалење што реформската динамика оттогаш е во застој.
„Советот апелира до сите политички актери да го обноват фокусот на напредокот на патот кон ЕУ, преземајќи решителни активности за спроведување на потребните реформи“, се наведува во заклучокот.
Советот го поздравува одржувањето на локалните избори на 6 октомври во Босна и Херцеговина, но наведува дека БиХ треба да преземе дополнителни уставни и изборни реформи со цел да се обезбеди еднаквост на сите граѓани.
Меѓу другото, во своите заклучоци за Босна и Херцеговина, Советот им даде приоритет на граѓаните пред конститутивните нации.
„Советот ги повикува сите политички актери да се воздржат и да се откажат од провокативната реторика на поделба, вклучително и доведување во прашање на суверенитетот, единството и територијалниот интегритет на земјата, да ги почитуваат принципите на еднаквост и недискриминација на сите граѓани кои припаѓаат на сите конститутивни нации и други, и да се стави крај на глорификацијата на осудените за воени злосторници со цел активно промовирање на помирувањето“, се наведува.
Советот за општи работи на ЕУ донесе заклучоци за проширувањето и за Србија, а притоа поздравувајќи го фактот што земјата ја потврди европската интеграција како своја стратешка цел, се потенцира дека мора да се покаже силна политичка волја и доследност во спроведувањето на реформите.
Засега 22 поглавја од 35 се отворени, додека две поглавја се привремено затворени. Како што се посочува, има одреден напредок во исполнувањето на условите за отворање Кластер 3 (конкурентност и инклузивен раст).
„Советот потсетува дека напредокот на Србија во владеењето на правото и нормализацијата на односите со Косово ќе продолжи да го одредува целокупното темпо на пристапните преговори“, се нагласува.
Советот ги поздравува многу позитивните резултати на Црна Гора во остварувањето на долгорочната реформа и ја пофали целта на Владата во Подгорица да продолжи да работи на брз напредок кон ЕУ.
Советот ги охрабрува сите политички актери да следат амбициозен план за затворање на пристапните преговори. Тој, исто така, забележува дека добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински елементи на процесот на проширување, како и на процесот за стабилизација и асоцијација.
Советот го поздравува отворањето на основниот кластер со Албанија на пристапната конференција на 15 октомври 2024 година и неодамнешното отворање на кластерот за надворешни односи.
„Истакнувајќи дека политичката поларизација продолжува да влијае на активностите на парламентот, Советот потсетува дека инклузивен и конструктивен политички дијалог во земјата е сè уште клучен за напредок на полето на спроведувањето на реформите„, се наведува во него.
Кога станува збор за Косово, Советот ја поздрави континуираната посветеност на таа земја кон европскиот пат и реформи, но и изрази загриженост за состојбата на северот на земјата.
„Косово и Србија мора да продолжат со постојаните напори за деескалација, да се воздржат од унилатерални и провокативни дејствија кои би можеле да доведат до тензии и насилство и да избегнат реторика за поделби“, се додава.
Советот, исто така, го повикува Косово да ја олесни реинтеграцијата на српските судии, обвинители, полицајци и другиот персонал во сите косовски институции што ги напуштија во 2022 година.