Шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го поздрави „историскиот момент“ на заедничката прес-конференција со чешкиот премиер Петр Фиала, албанскиот премиер Еди Рама и премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски       Фото: АА

Северна Македонија и Албанија ги започнаа пристапните преговори со Европската Унија.

Пред одржувањето на меѓувладината конференција, премиерот на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со премиерот на Албанија, Еди Рама, денес се сретна со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и премиерот на Чешка, Петр Фиала, како претставник од чешкото претседателство.

Веднаш по средбата, Фон дер Лајен, Ковачевски, Рама и Фиала дадоа изјави за медиумите.

Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, изјави дека Северна Македонија е подготвена за Европската Унија и дека отворањето на пристапните преговори е историски ден кои за земјата ќе обезбедат сигурна, безбедна и европска иднина.

Ковачевски, во кратката изјава пред започнување на меѓувладината конференција истакна дека се отвораат нови перспективи за државата и за граѓаните, и дека полека, но сигурно, Северна Македонија се приклучува кон големото европско семејство.

Наведувајќи дека во Европскиот предлог е прецизиран македонскиот јазик, без никакви дополнувања и дообјаснувања, премиерот Ковачевски рече дека со тоа се отвара вратата за македонскиот јазик да стане еден од официјалните јазици на Европската Унија, за што рече дека, лично, го смета за најголемо достигнување и најважен успех.

„Македонскиот јазик на овој начин не само што ќе биде заштитен туку ќе доживее и неверојатна промоција, со тоа што многу земји и култури кои традиционално немаат допир со нашиот македонски јазик ќе можат да се запознаат со него“, рече Ковачевски.

Додавајќи дека Северна Македонија природно, вредносно и цивилизациски припаѓа во европското семејство, Ковачевски рече дека многупати е докажано дека Северна Македонија е партнер од доверба на Европската Унија.

„Ние сме подготвени за Европската Унија. Искрено се радувам заедно со граѓаните на ова денешно добредојде во Европската Унија. Ако по утрото се познава денот, тогаш со сигурност ова ќе биде одличен ден, историски, на кој ќе се гордееме и кој ќе ни обезбеди сигурна, безбедна и европска иднина“, нагласи Ковачевски.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, истакнувајќи дека денес Северна Македонија и Албанија ги отвораат пристапните преговори со Европската Унија, рече дека ова е успех на граѓаните на двете земји и дека граѓаните покажале истрајна посветеност на вредностите на Европската Унија.

„Веднаш по меѓувладината конференција денес Комисијата и преговарачките тимови од Албанија и Северна Македонија ќе започнат со работа. Скринингот за законодавството на ЕУ ќе започне. Тоа е првиот чекор од процесот. И ќе им овозможи на Албанија и Северна Македонија да се запознаат со правата и обврските на нашата Унија“, рече Фон дер Лајен.

Таа меѓу другото посочи дека со отворањето на пристапните преговори со Европската Унија ќе има зголемени инвестиции, подобрени трговски врски и подобра соработка во клучни области како што се енергетиката и транспортот, додавајќи дека ќе се максимизира употребата, но и ефектот од финансиите од ЕУ, а тоа значи нови работни места и нови бизнис-можности.

Премиерот на Албанија, Еди Рама, истакна дека албанскиот народ никогаш не се откажал и не престанал да сонува да го следи европскиот пат.

„Застанавме на нозе по три комплицирани години каде од една страна одбивањата на Европскиот совет, а од друга страна земјотресот, пандемијата, војната создадоа тешка ситуација. Знаеме дека ова не е почеток на крајот, но тоа е крај на почетокот“, нагласи Рама.

„Едноставно треба да изградиме европска и силна Албанија и отворен, силен и демократски Западен Балкан“, додаде албанскиот премиер.

Меѓу другото, пред почетокот на прес-конференцијата, Рама на социјалните мрежи напиша: „Албанија седнува на големата маса на обединета Европа за почеток на преговорите за нејзиното членство“.

Премиерот на Чешка, Петр Фиала, истакна дека во име на чешкото претседателство на Советот на Европската Унија, им честита на Северна Македонија и на Албанија за овој успех.

AA
Популарни