ЕУ во фокусот на средбата на албанските политички лидери во Тирана               Фото: АА

„Нека биде успешна година за Албанците, каде и да се.“, напиша премиерот на Албанија, Еди Рама, по вчерашната средба со лидерите на албанските политички партии од Северна Македонија во Тирана..

На состанокот присуствуваа претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари и претседателот на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи.

На средбата, која траеше неколку часа, присутни беа и министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Олта Џачка, првиот вицепремиер на Владата на Северна Македонија, Артан Груби, како втор претставник на ДУИ, како и други претставници на политичките партии.

Албанскиот премиер Рама, на социјалните мрежи објави фотографија од средбата на која напиша: „Нека биде успешна година за Албанците, каде и да се.“

Во изјава за медиумите по средбата, претседателот на ДУИ, Ахмети, истакна дека на состанокот вниманието било насочено кон заедничкиот пат што Албанија и Северна Македонија го направија кон отворањето на преговорите за членство во Европската Унија.

„Премиерот на Албанија говореше за предизвиците, за заедничките напори што се направени заедно со нашата земја, како и за напорите што мора заедно да се направат кон отворањето на првото поглавје за членство во Европската Унија. Двете земји треба да се координираат во размената на искуства, за да можеме да го скратиме патот до полноправно членство во ЕУ“, рече тој.

„Мислам дека нема причина да се злоупотреби оваа средба, бидејќи се разговараше за заедничките судбини, како на нашата држава, така и на Албанија“, додаде Ахмети.

И претседателот на Алијансата за Албанците, Таравари, изјави дека на состанокот се разговарало за заедничката иднина на Албанија и Северна Македонија кон Европската Унија, како и за други прашања.

„Ова беше новогодишна средба, општа анализа за Албанија, Северна Македонија и регионот, анализа на руската инвазија во Украина, економската ситуација“, додаде тој.

Претседателот на ДПА, Тачи, во изјава за медиумите рече дека разговарале за заедничката иднина во Европската Унија. „Тоа беше братска средба. Упативме честитки за Нова година еден на друг, на сите Албанци“, рече Тачи.

AA
Популарни