Бугарската полиција во магацин во близина на Софија пронашла делови за автомобили на германски производител во вредност од неколку милиони евра, соопшти Европол.
Во соопштението се наведува дека рацијата била извршена во средината на овој месец и дека тоа е резултат на истрагата на германските власти, која била покрената по кражбата извршена во јуни 2024 година во компанија во Валерсдорф во германската покраина Баварија.
Тогаш била украдена поголема количина на делови за возила на германски производители.
Европол наведува дека крадците ги натовариле деловите на камиони со вилушкари, пред да ги пренесат во странство.
Забележано е дека германските истражители постигнале првичен напредок во истрагата со апсење и приведување на двајца романски државјани по серијата кражби во пекарници во Валерсдорф.
Во текот на истрагата се појавиле докази дека еден од осомничените, со помош на друг соучесник, бил вмешан во кражбата на логистичка компанија во Валерсдорф.
Истрагата ја откри и локацијата на украдените делови од возилата во Бугарија, по што германските истражители стапиле во контакт со Европол, се вели во соопштението.