Во рамките на 50. Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ во Охрид, генералниот секретар Јурген Сток одржа заедничка прес-конференција со министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски.
Секретарот Јирген Сток во својата изјава ја истакна важноста на регионалната конференција на 100-годишнината од основањето на организацијата, како и на 30-годишнината од членството на Северна Македонија во оваа организација.
Истакнувајќи дека Северна Македонија е активен член на организацијата, тој рече:
„Додека оваа недела одбележуваме 100 години полициска соработка, делегатите ќе разговараат за сложените закани за јавната безбедност во Европа и пошироко, од организираниот криминал до киберкриминалот. Ниту една земја ниту еден регион не може сам да се справи со овие сложени и растечки прашања, поради што средбите како оваа овде, во Охрид, се од суштинско значење за да ги подобриме нашите напори и, уште поважно, нашите активности.“
Зборувајќи за важноста на европскиот регион, Сток рече дека европските земји се најактивни во делот на споделување информации, но и во поглед на пребарувањата во заедничката база на податоци.
„Европските земји членки се глобални лидери во употребата и придонесот во базите на податоци на Интерпол и другите поволности. Европа придонесува со повеќе регистрации, прави повеќе пребарувања и добива значително повеќе удари од кој било друг регион во нашата организација ИНТЕРПОЛ. Минатата година европските земји членки пребараа во нашата база на податоци повеќе од 3,5 милијарди пати. Бројките зборуваат сами за себе. Способностите на ИНТЕРПОЛ се клучна компонента на европските агенции за спроведување на законот да ја зачуваат безбедноста во своите земји. Таа улога расте и јасно ги гледаме оперативните резултати“, рече Сток.
Зборувајќи за операцијата развиена со учество на 17 земји за борба против мафијашката група „Ндрангета“, тој рече дека веќе се регистрирани повеќе од 40 апсења на високо ниво низ светот, додавајќи: „Речиси половина од овие апсења се случиле во минатата година.“
Сток додаде дека оваа недела на регионалната конференција ќе се разгледаат начини како да се обезбеди уште подобра поддршка во иднина за справување со заканите од криминалот, како што се трговијата со луѓе, трговијата со дрога, киберкриминалот, како и еколошкиот криминал.
„Во Северна Македонија се идентификувани 270 илегални мигранти“
Во своето излагање министерот Спасовски рече дека претставува чест што Северна Македонија е домаќин на конференцијата, токму во годината кога земјата ја одбележува 30-годишнината од членството во најголемата полициска организација во светот.
„Последните геополитички случувања на глобално ниво, дополнети со дигитализацијата и технолошкиот развој, покажаа дека сме исправени пред софистицирани заеднички безбедносни предизвици што бараат и заедничка одговорност, здружен пристап и обединети напори. Од друга страна, факт е дека ИНТЕРПОЛ е клучна организација за обезбедување на глобалната безбедност, наш сериозен партнер за соработка, за размена на информации и обезбедување синергии меѓу многуте глобални и регионални напори и иницијативи", рече Спасовски.
Тој додаде дека Северна Македонија, исто така, придонесува кон меѓународната полициска соработка преку континуирани активности на работни групи и динамично учество во тековни проекти.
Спасовски истакна дека заложбите на Северна Македонија се насочени кон размена на круцијалните податоци за поддршка на истрагите низ светот и тие се развиваат во рамките на Националното централно биро на ИНТЕРПОЛ во Скопје.
„Во рамките на една од овие операции на ИНТЕРПОЛ беа идентификувани трансконтинентални маршрути за шверцување на мигранти, трговија со луѓе и илегални мигранти, спроведени контроли на гранични премини и иницирани нови меѓународни истраги. Притоа, во нашата држава беа идентификувани 270 илегални мигранти, а воедно беа иницирани пет меѓународни истраги со Србија, Турција [Туркије], Грција и Пакистан“, рече Спасовски.
Министерот за внатрешни работи изјави дека Северна Македонија ќе ја продолжи соработката со ИНТЕРПОЛ, имајќи ја предвид геостратегиската поставеност на земјата, во која се вкрстуваат многу криминални маршрути што ги поврзуваат истокот и западот.
На јубилејната 50. Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ присуствуваат министрите за внатрешни работи и шефовите на полиции од Европа, високи официјални претставници на ИНТЕРПОЛ и експерти од областа на безбедноста.
Конференцијата што се одржува во Охрид ќе трае три дена, а остатокот од конференцијата е затворен за медиумите.