Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска ја започнува четиридневна посета на земјите од Западниот Балкан, во чии рамки утре ќе престојува во Скопје.
Како што соопшти Еврокомисијата, за време на турнејата Фон дер Лајен ќе се сретне со лидерите на шесте земји регионот со кои ќе разговара за нивниот пат кон ЕУ, како и за имплементацијата на Планот за раст на Западниот Балкан.
Посетата на регионот претседателката на ЕК ќе ја почне од Тирана, каде денеска ќе има средба со албанскиот премиер Еди Рама. Утре претпладне, пак, Фон дер Лајен ќе се сретне со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Од Тирана, Фон дер Лајен ќе допатува во Скопје на средби со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски.
Утре попладне претседателката на Еврокомисијата од Скопје ќе отапува за босанскиот град Јабланица, каде ќе ги посети подрачјата што неодамна беа погодени од поплави. В петок претпладне Фон дер Лајен во Сараево ќе се сретне со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, како и со претседавачката на Советот на министри, Борјана Кришто.
Од Сараево в петок Фон дер Лајен ќе замине за Белград на средби со српскиот претседател Александар Вучиќ и со премиерот Милош Вучевиќ.
В сабота таа ќе престојува во Приштина, каде ќе се сретне со косовската претседателка Вјоса Османи и со премиерот Албин Курти, по што ќе замине за Подгорица на средби со шефот на црногорската држава Јаков Милатовиќ и со премиерот Милојко Спајиќ.
Овонеделната посета на Фон дер Лајен доаѓа по онаа од пред година кога во регионот го промовираше Планот на Европската комисија за раст на Западниот Балкан. Во меѓу време таа во неколку наврати имаше средби со лидерите од земјите од регионот, од кои последните се одржаа минатата недела на Самитот на Берлинскиот процес во Берлин и на Бледскиот стратешки форум на почетокот на септември.
На овие средби Фон дер Лајен го истакнуваше значењето на регионот за Европската Унија и на посветеноста на блокот за поддршка на земјите од Западниот Балкан во спроведувањето на реформите и трасирањето на патот кон членство во Унијата.