„Европа ве чека. Вашата иднина е во ЕУ. Нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик. Северна Македонија има право да чека и нов предлог“, рече претседателката на Европската Комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен при обраќањето од говорницата во македонското Собрание.
Образложувајќи ги причините зошто пратениците треба да го поддржат францускиот предлог за отстранување на бугарското вето и старт на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, таа истакна дека со овој предлог не се задира во македонскиот идентитет. Фрустрацијата, како што рече, поради тоа што Северна Македонија не ги почнала преговорите е присутна и во Скопје и во Брисел.
„Комисијата препорачува отпочнување на преговорите последниве 13 години. И се разбира дека ќе бидете фрустрирани што отворањето на преговорите не се случи веднаш по договорот од Преспа. Но сите заедно не се откажавме. Сите мора да се свртиме напред и да ја искористиме можноста која е пред нас. Тоа можеме да го направиме веќе следната недела со преземање на првиот чекор од ревидираниот француски предлог”, рече Фон дер Лајен.
Претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен повика добро да се размисли пред да се донесе одлука.
„Ве охрабрувам да ја искористите оваа можност. Јас имам деца имам и внука. И сите заедно сакаме нешто и споделуваме еден сон, еден ден да погледнеме наназад и да кажеме дека сите наши деца и внуци се дел од исто европско семејство. Ова е иднината за која одлучувате овде, тука, денес, утре и деновите коишто се пред нас”, истакна Урсула фон дер Лајен.
Свирежи и транспаренти во Собранието
Обраќањето на претседателката на Европската комисија, пратениците од македонската опозиција го проследија со транспаренти на кои беше испишано „НЕ”, „Ултиматум, не благодарам” и „Јазикот е идентитетот”.
На тој начин опозиционерите го изразија негативниот став за предлогот за отстранување на ветото. Ваков транспарент пратениците и оставија на Фон дер Лајен и на говорницата. За време на говорот од пратеничките клупи можеа да се слушнат и свирчиња во знак на негодување.
Пратениците од власта пак со аплауз го поздравија обраќањето на Фон дер Лајен.
Протести пред законодавниот дом
За време на обраќањето на претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, во Собранието, пред законодавниот дом се одржаа протести. Насобраните граѓани како и изминатите денови побараа пратениците да не го прифаќаат предлогот кој дојде од ЕУ.
Демонстрантите извикуваа „Оди си” и „предавници”, а кон зградата на Собранието беа фрлани јајца и тоалетна хартија. Четири лица биле приведени на протестот.
Три дена расправа во Собранието
По обраќањето на претседателката на Европската комисија во македонското Собрание започна расправата по заклучоците за францускиот предлог доставени од Владата. За дискусија се пријавени околу четириесет пратеници.
Расправата може да трае најмногу три дена. Се очекува за заклучоците да се гласа во сабота. За изгласување на заклучоците „ЗА” е потребно да гласаат 61 пратеник. Уставните измени пак кои се дел од пакетот и би требало во понатамошната фаза да се најдат пред пратениците, се гласаат со двотретинско мнозинство односно 80 пратеници.
Средба со Ковачевски , Пендаровски и Османи
Пред обраќањето пред пратениците во македонското Собрание, претседателката на Европската Комисија, Фон дер Лајен се сретна и со премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски.
Фон дер Лајен и Ковачевски се согласиле дека сега е моментот кога Северна Македонија треба да го прифати европскиот предлог, а тоа во иднина ќе значи и одржување на првата меѓувладина конференција и почеток на преговорите со ЕУ.
„Она што беше потенцирано од страна на Фон дер Лајен е дека местото на Северна Македонија и Западен Балкан е во Европската Унија и тој е единствениот пат кој води кон подобра иднина за сегашните и идните генерации. Ковачевски и Фон дер Лајен констатираа дека со предлогот не се загрозува македонскиот идентитет, јазик, култура и историја”, се вели во владиното соопштение по средбата.
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, оствари средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, при што беше истакнато дека доколку се прифати предлогот за преговарачка рамка, ќе започнат конкретните преговори и скрининг-процесот,
На оваа средба се разговарало за актуелната состојба во државата и за процесите поврзани со евроинтеграциите. Претседателката на ЕК, Фон дер Лајен, потврди дека на меѓувладината конференција што треба да се одржи наскоро, доколку се прифати предлогот за преговарачка рамка, ќе започнат конкретни преговори и веднаш ќе започне скрининг-процесот.
Се истакнува дека „со почеток на пристапните преговори со ЕУ, во најбрз можен рок, ќе започне потпишувањето на билатералните договори меѓу Северна Македонија и Европската Унија, на македонски јазик и на другите официјални јазици на ЕУ“.
Претседателот Пендаровски го повторил ставот дека прифаќањето на францускиот предлог ќе овозможи откочување на евроинтеграциите и отворање на првата фаза од пристапните преговори, што, како што нагласил, ќе биде позитивен импулс за реформскиот процес и напредокот на Северна Македонија.
Претседателката на ЕК, Фон дер Лајен, се сретна и со министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи. Шефот на македонската дипломатија на средбата истакнал дека Европската комисија секогаш била докажан партнер на Северна Македонија, а таа поддршка ќе продолжи со официјалното отворање на пристапните преговори.
Мицкоски: Историјата останува услов за македонската евроинтеграција
Претседателката на Европската Комисија, Фон дер Лајен, во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ се сретна и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. По средбата лидерот на најголемата опозициска партија одржа прес-конференција.
Тој истакна дека наспроти тврдењата на претседателката на Еврпската Комисија, Фон дер Лајен, преговорите нема да започнат веднаш, историските прашања ќе бидат услов за македонската интеграција и на Бугарија и е дозволена изјава за тоа како таа го разбира македонскиот јазик.
„Ние ќе зборуваме за се освен тоа што е важно за граѓаните, а тоа е поквалитетен живот. Наместо за иднината ќе збориме за минатото. Тоа е овозможено во членот 14 од документот наречен EU Common Position. Во членот 11 пак е предвидено дека Македонија нема да ги почне преговорите се додека не биде променет Уставот”, истакна Мицкоски.
Францускиот претседател Емануел Макрон, чие претседателство го подготви предлогот, смета дека е најдено компромисно решение со предлогот за двете страни.
Францускиот предлог е документ што треба да доведе до укинување на двегодишното вето на Бугарија за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ.