Француската државна секретарка Бун во Скопје: Заслуживте свое место во ЕУ / Photo: AA

Француската државна секретарка за Европа, Лоранс Бун, престојува во посета на Северна Македонија, при што имаше средба со премиерот Димитар Ковачевски. На заедничката прес-конференција по средбата, премиерот Ковачевски истакна дека француското претседателство со Европската Унија (ЕУ) беше клучно за европскиот пат на Северна Македонија.

Истакнувајќи го фактот што веќе е започнат скрининг-процесот, тој изрази задоволство што на состанокот веќе зборувале за отпочнатите преговори, а не дека сето тоа треба да се случи во иднина.

Ковачевски рече дека е започнато ново поглавје на европскиот пат, додавајќи дека се посветени скрининг-процесот да го завршат во зададениот рок.

„Македонскиот тим е подготвен, има експертиза, има знаење и ќе го заврши скринингот во планираниот рок од 14 месеци. И ние, и ЕУ, ги исполнуваме нашите ветувања. Останува следниот чекор, уставните измени, кои ќе се најдат пред македонското Собрание и нашите 120 пратеници“, рече Ковачевски.

Притоа, тој истакна дека е уверен дека пратениците ќе донесат одлука со која ќе се овозможи земјата да се движи забрзано по европскиот пат.

Тој рече дека нема алтернатива освен полноправното членство во ЕУ, додавајќи дека зачленувањето „сега зависи само и единствено од нас“.

Француската државна секретарка за Европа, Лоранс Бун, во своето обраќање рече дека посетата во Скопје е повод да има размена на мислења со политичките партии во Собранието.

Таа упати порака за пријателство, додавајќи дека целта на нејзината посета е да покаже доследност на тоа пријателство и посветеност на Франција кон Северна Македонија.

Лоранс Бун истакна дека земјата го заслужи своето место во ЕУ.

На одговор на новинарско прашање околу целта поставена од Владата на Северна Македонија за зачленување во ЕУ до 2030 година, таа рече дека „тоа е амбициозна, но не е нереална цел“.

„Кажав дека за време на преговорите сме овде да ѝ помогнеме на Северна Македонија и тоа е цел која е остварлива и која треба да ни служи како цел“, нагласи Бун.

Таа додаде дека Северна Македонија напредува доста во поглед на усогласувањето со европското законодавство, истакнувајќи ја и важноста од усвојувањето на уставните измени како следен чекор и дел од европскиот договор.

TRT Balkan / агенции
Популарни