Предвидено е задолжителниот воен рок да трае четири месеци / Photo: Vojska Srbije

Генералштабот на српските вооружени сили покрена иницијатива и му предложи на претседателот на Републиката и врховен командант Александар Вучиќ повторно воведување на задолжителен воен рок, во времетраење до четири месеци.

Оваа иницијатива е покрената „со цел да се зголемат одбранбените способности на српските вооружени сили, преку подмладување и подобрување на пополнувањето и обуката на активните и резервните сили“, соопшти Министерството за одбрана.

„Предлогот на Генералштабот на српските вооружени сили доаѓа по детално разгледување на општата безбедносна ситуација и современите предизвици со кои се соочува Република Србија како воено неутрална земја, што ја наметна потребата од прилагодување на моделот на регрутирање на српската војска, кој би овозможил зајакнување на севкупниот регрутен потенцијал и обука на поголем број граѓани за одбрана на нашата држава“, се нагласува во соопштението.

Српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ денеска изјави дека иницијативата не е покрената со цел Србија да се подготви за војни и конфликти, туку дека тоа ќе биде од корист за општеството, но и за поединците кои ќе служат воен рок.

Вучевиќ претходно во гостувањето на телевизија „Хепи“ најави дека Генералштабот на вооружените сили на Србија ќе покрене иницијатива за укинување на одлуката за суспензија на задолжителниот воен рок, односно повторно активирање на законот со кој се дефинира задолжителниот воен рок.

„По 13 години треба да го пополниме резервниот состав. Војската на Србија ја напуштија 13 генерации, немаше задолжителен воен рок. Нашите безбедносни потреби се да имаме нови регрути кои секогаш се подготвени да ја заштитат земјата. Ги разбираме безбедносните ризици. Ова не е само потреба карактеристична за Србија, многу европски земји го активираат задолжителниот воен рок“, објасни Вучевиќ.

Министерот рече и дека е многу важно што со одлука на Владата и претседателот на државата од 1 јануари платите се повисоки за 10 отсто и дека Армијата 2023 година ја заврши многу посилна во однос на воената опрема и нивото на обученост на своите луѓе.

„Сето ова ќе биде една од клучните теми кога извештајот ќе биде доставен до претседателот на крајот на месецот. На крајот на јануари ќе имаме долга и детална средба“, изјави Вучевиќ.

TRT Balkan / агенции
Популарни