Милан Ѓуриќ денеска поднесе неотповиклива оставка од функцијата градоначалник на Нови Сад.
„Стабилноста и смирувањето на тензиите и запирање на понатамошните поделби во општеството се клучни услови за понатамошен напредок и развој на Нови Сад и подобрување на животот на жителите на Нови Сад“, рече Ѓуриќ.
„Во време кога општеството се соочува со огромни тензии, кои стануваат се покомплексни, заканувајќи се да предизвикаат понатамошни и подлабоки поделби, како некој кој верува во моќта на дијалогот и меѓусебното разбирање, верувам дека прифаќањето одговорност и поднесувањето оставка е моја човечка и политичка должност и морална обврска“.
Тој потсети на последниот насилен напад врз студентка, посакувајќи и брзо закрепнување и ја повика полицијата што поскоро да ги открие напаѓачите и правосудните органи да ги казнат согласно законот.
„Поднесувањето оставка не е израз на слабост или повлекување пред предизвиците, туку чин на преземање одговорност и отворање простор за обнова на довербата меѓу граѓаните“, рече тој.
Српскиот премиер Милош Вучевиќ денеска соопшти дека поднесува оставка од функцијата поради случувањата во Србија, која повеќе од два месеци е сцена на студентски протести и блокади по уривањето на настрешница на Железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 15 лица.