За едни екстра приход, за други дополнителен трошок. Во најголем број случаи при патување во странство, туристите освен за пат, сместување, храна треба да платат и туристичка или такса за престој. Државите или градовите ја одредуваат според различни критериуми. Многу зависи од тоа дали се работи за атрактивна туристичка дестинација или не, од бројот на ноќевања, бројот на гости кои ќе престојуваат итн.
Во прилог следи преглед на таксите за престој во главните градови на земјите од регионот. Во неколку метрополи на Балканот е идентична, а во други отскокнува.
Скопје со иста такса за домашни и странски гости
Во главниот град на Северна Македонија, Скопје дневната такса што ја плаќаат граѓаните на државата и странските туристи е регулирана со Законот за таксата за привремен престој. Според овој закон таксата за престој изнесува 0,65 евра (40 денари) за еден ден.
„Такса за привремен престој плаќаат државјаните на Република Северна Македонија кои надвор од своето место на постојано живеење користат услуги за ноќевање во сместувачките објекти регистрирани за прием на гости за ноќевање, како и во куќи, станови, соби наменети за издавање. И странските државјани плаќаат такса за привремен престој под условите одредени со овој закон”.
Белград со двојно повисока такса
Таксата за привремен престој во српската престолнина, Белград, е двојно повисока од Скопје и изнесува 1,36 евра (159 динари) за еден ден.
„Корисникот на услугите, за секој ден престој во угостителскиот објект за сместување плаќа по 159 динари. Наплатата на таксата за престој ја прави субјектот кој овозможува услуга за сместување”, се вели во одлуката на Град Белград за регулирање на таксата за престој во главниот град на Србија.
Едно евро такса за ноќевање во Сараево
Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина пред еден месец го утврди текстот на предлог Законот за таксата за престој. Според тој закон, таксата за престој изнесува 1,03 евра (2 конвертибилни марки), за едно ноќевање која важи и за Сараево и од 1,3 до 1,54 евра ако се работи за туристичко место.
„Обврска да плати туристичка такса има секој домашен и странски државјанин кој користи услуга ноќевање во угостителски објект за сместување, сопственик на пловен објект и секое лице кое престојува на тој пловен објект кој се наоѓа во некое пристаниште. Странските и домашните државјани плаќаат такса за престој во ист износ“, стои во законот.
250.000 евра приход од туристичка такса во Подгорица
Властите во Подгорица, главниот град на Црна Гора, пред месец и половина информираа дека оваа година е планиран приход од речиси 250.000 евра од туристички такси, што е за 24 проценти повеќе од минатата година. Вкупните планиранни приходи на Туристичката организација Подгорица изнесуваат 451.000 евра.
Таксата за престој во Црна Гора изнесува едно евро. Ако лица престојуваат во вили, викендици, станови, соби апартмани кај свои роднини кои не ги издаваат на туристи, не се обврзани да платат туристичка такса.
Повеќе критериуми за висината на таксата во Тирана
Во Тирана, главниот град на Албанија, таксата за престој зависи од сместувачкиот објект во кој се престојува, во кој дел на градот се наоѓа и бројот на туристи. Цената варира од тоа дали се работи за хотел, мотел, куќа за гости, дали е со 3,4 или 5 ѕвезди.
„Основата на таксата за сместување во хотел ја дава цената на сместувањето, бројот на лица, бројот на соби кои се изнајмуваат, бројот на лица кои престојуваат и бројот на ноќевања. Таксата во хотел со 4 или 5 ѕвезди во Тирана е 3 евра (350 леки) за едно ноќевање. За куќи за гости, мотели, хостели или било кој друг тип на сместување и останатите административни единици на Тирана таксата изнесува 1,22 евра (140 леки) за едно ноќевање”, е наведено на интернет страницата на Град Тирана.
Како е во земјите од регионот членки на ЕУ?
Во државите од Балканот кои се членки на Европската унија, таксата за привремен престој е различна. Во хрватската престолнина, Загреб, најчесто изнесува 10 куни или 1,3 евра за ноќевање во сместувачките капацитети.
Во Атина варира во зависност од категоријата на хотелот или бројот на изнајмени соби. Во просек се движи од три до пет евра за ноќевање. Исто е во Софија каде таксата околу 1 до 1,5 еврa, а во Љубљана цената ја одредува локацијата, оценките од гостите, категоријата на сместувањето.