Косово и Србија постигнаа договор за регистарските таблички со посредство на ЕУ, но останува да се види дали страните и во пракса ќе го почитуваат договореното и ќе се ориентираат кон нормализација на односите. / Photo: trt balkan

Распадот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ) и осамостојувањето на нејзините држави што следeше потоа во раните деведесетти години од минатиот век на површина изнесоа бројни отворени прашања од кои де сѐ уште се нерешени на балканскиот простор, стоеја „под тепих“, а кои одвреме-навреме излегуваат на површина особено кога се доведува во прашање безбедноста на регионот.

Еден од тие предизвици на Балканот се односите на Србија и Косово. Оставајќи ги зад себе војната и оружените конфликти што се случија на крајот на 1990-тите години, Косово донесе одлука за еднострано прогласување независност од Србија во февруари 2008 година, со што се се создаде нова реалност која доведе до ново затегнување во односите помеѓу Косово и Србија.

Додека Србија сѐ уште го смета Косово за своја територија, официјалните претставници на Косово нагласуваат дека „Република Косово е реалност која Србија треба да ја признае“.

Поради овие разлики во ставовите на релација Белград-Приштина повеќе од една деценија нивните односи се тензични и неретко се на работ на конфликт, поради што е загрижен балканскиот регион, но и меѓународната заедница, генерално претставувана од САД и ЕУ.

Почеток на дијалогот Косово-Србија

Со цел да започне нормализација во односите на Косово и Србија во март 2011 година, три години по прогласувањето на независноста на Косово, со посредство на ЕУ започнаа првите преговори меѓу двете страни, кои беа на техничко ниво а во 2013 година, преговорите преминаа на високо политичко ниво.

Дијалогот помеѓу Косово и Србија, односно Приштина и Белград, кој со посредство на ЕУ се одржуваше во Брисел, е прекинат во ноември 2018 година кога Владата на Косово воведе такса од 100 отсто на стоката увезена од Србија и БиХ, која потоа се укина под голем политички притисок врз косовските челници од страна на главните земји на ЕУ и САД.

По 20 месеци пауза, дијалогот продолжи во јули 2020 година во Брисел, кога беше одржан првиот состанок на тогашниот премиер на Косово, Авдулах Хоти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со посредување на ЕУ.

Сенка на дијалогот фрли обвинението на Специјалното обвинителство во Хаг кое против косовскиот главен преговарач Хашим Тачи подигна обвинение за воени злосторства.

Сепак, по овие случувања, во септември 2020 година во Вашингтон, со посредство на Соединетите Американски Држави (САД) и личното учество на овој состанок на тогашниот американски претседател Доналд Трамп, Србија и Косово постигнаа договор за нормализација на економските односи, кој беше окарактеризиран како „историски“.

Но денес, по повеќе од две години од потпишувањето на овој договор, се испоставува дека нема значителни промени во односите Косово-Србија, а се повеќе до израз излегуваат проблемите.

Евиденцијата на граѓаните во Косово во матичните книги, правно имотните односи, трговијата, интегрираното гранично-управување, признавањето на сертификатите и лиценците, реципрочно признавање на дипломите, телекомуникациите, енергетиката, се само некои од поважните теми кои низ годините беа предмет на договарање помеѓу официјален Белград и официјална Приштина, за кои се договараше во рамките на нивниот дијалог. Но, иако низ годините наназад за споменатите теми се потпишани повеќе од 30 договори, само дел од нив се спроведени, некои се делумно спроведени, додека некои воглавно попитички договори не се спроведени воопшто, поради немањето полтичка волја на страните за решавање на отворените прашања.

Прв договор за нормализација на односите

Првиот договор за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, кој премиерите на Косово и Србија го потпишаа на 19 април 2013 година во Брисел, се смета за најважен договор постигнат на највисоко политичко ниво. Со тој договор, во северниот дел на Косово, каде што живее мнозинството од српското население, требаше да се внесе во косовската законска рамка, што дотогаш не беше случај, а од територијата на Косово да се укинат српските паралелни институции.

Исто така, со Првиот Бриселски договор договорено е формирање на Заедница на општини со српско мнозинство на Косово, која би управувала со пет области (економски развој, здравство, образование, урбано и рурално планирање) и би делувала во рамките на постоечката косовска правна рамка. Заедницата би вклучувала десет општини со српско мнозинство, што е околу 15 отсто од вкупната територија на Косово.

До денес заедницата не е формирана. Србија истакнува дека е договорено Заедницата да има извршни овластувања, додека во Приштина го тврдат спротивното.

По Првиот договор за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина, беа усвоени низа договори за решавање на проблемите во различни области кои веќе претходно се наведени.

Договор кој ги предизвика последните тензии

Еден од тие договори е и Договорот за слобода на движење, кој почна да се применува на крајот на декември 2011 година. Договорот им овозможи на граѓаните на Косово да влезат на територијата на Србија со косовски лични карти, за што добиваат потврда од српските власти на граничните премини. Спротивно на тоа, граѓаните на Србија влегуваат во Косово со лични карти без никакви потврди.

Договорот за слобода на движење се однесуваше и на возилата и токму делумното спроведување на тој договор ги предизвика последните тензии меѓу Косово и Србија.

Договорено е на територијата на Србија безусловно да можат да влезат возила со статусно неутрални КС таблички, додека сопствениците на возилата со табличките РКС (Република Косово) мораа да ги симнуваат своите таблички и да плаќаат привремени (пробни) српски таблички.

Договорот за слобода на движење, меѓутоа, никогаш не е спроведен во четири општини во кои живее мнозинско српско население. Во тој дел и понатаму се користени табличките со скратеници за косовските градови кои ги издава Србија (КМ - Косовска Митровица, ПР - Приштина, ПЗ - Призрен и други), кои Косово ги прогласи за нелегални. Не само што возилата со такви таблички сообраќаа на северот на Косово, туку без проблем поминуваа и на двата гранични премини на северот на Косово, Јариње и Брњак.

Надoполнување на договорот

Договорот за слобода на движење е дополнет во септември 2016 година. Страните се согласија деловите од регистарските таблички на кои се ознаките на државите да ги покријат со две бели налепници, со тоа што Косово ќе го продолжи важењето на КС регистарските таблици на пет години за оние граѓани кои сакаат да ги користат. Режимот на налепници никогаш не заживеа, а Србија продолжи да издава пробни таблици за возилата со РКС таблиците.

Кога во 2021 година истече петгодишниот рок за издавање на табличките КС, Владата на Косово воведе реципрочни мерки за регистарските таблички од Србија, со тоа што на 20 септември почна да издава пробни таблички за возилата од Србија и ги прогласи за неважечки табличките со ознаката КС.

Барикади наместо почитување на одлуката на Владата на Косово

За да се спроведе оваа одлука на северот на земјата, Владата на Косово испрати специјални единици на косовската полиција за заштита на граничарите и граничните премини Јариње и Брњак. Тоа предизвика револт кај српските граѓани од северот, кои во септември 2021 година со камиони и други тешки возила ги блокираа патиштата кон премините Јариње и Брњак. Тензиите се искачија на ниво на држави, Србија спроведе воени маневри во близина на границата, па ЕУ и САД итно реагираа и во Брисел по десет дена беше постигнат привремен договор.

Привремениот договор за примена на режимот на налепници, истиот оној од 2016 година кој никогаш не заживеа, почна да се применува на 4 октомври, додека за пронаоѓање на трајно решение е договорен рок од шест месеци. Во режимот на налепници влегоа и илегалните таблички со кратенките на косовските градови кои се користат на северот на Косово.

Владата на Косово на 29 јуни оваа година, донесе одлука за препрегистрација на автомобили со ознаките на косовските градови кои ги издава МВР на Србија на РКС таблички и за воведување реципроцитет на српските лични карти. Со таа одлука, Владата даде рок за пререгистрација од 1 август до 31 септември, за да од 1 октомври од сообраќај бидат отстранети сите илегални возила. Владата даде и финансиски поволности за пререгистрација, односно ја укина обврската за плаќање данок и увозни такси.

Ноќта пред почетокот на примената на владината одлука, локалните Срби на северот на Косово со камиони ги блокираа патиштата. За да не дојде до понатамошна ескалација на ситуацијата, премиерот Курти во координација со САД и ЕУ ја одложи примената на одлуката за табличките за месец дена, додека реципроцитетот на издавањето на пропратниот документ за српските лични карти почна да се применува.

Потоа на 18 август, во Брисел на повик на високиот претставник на ЕУ, Џозеп Борел, се состанаа премиерот на Косово Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ, но не е постигнат договор за табличките.

Договор за лични документи, но не и за таблички на возилата

Преговорите продолжија на ниво на главните преговарачи и на 27 август Борел објави дека Косово и Србија постигнале договор за личните документи, за преминување на границата само со лични карти, но дека прашањето за табличките останува отворено.

На 1 септември оваа година, на граничните премини помеѓу Косово и Србија почна примената на договорот за личните карти, додека во Косово почна да тече рокот за пререгистрација од српски на РКС таблички.

На 28 октомври, два дена пред истекот на рокот за пререгистрација на возилата, со оглед дека Србите не одговорија на повикот на Владата на Косово за пререгистрацијата, Владата на Косово одлучи да воведе постепено санкции на илегалните возила со српски таблици.

Почнувајќи од 1 ноември до 21 ноември, предвидено беше санкциите да бидат во вид на опомена, а потоа од 21 ноември до 21 јануари да се изрекуваат казни од 150 евра, а од 21 јануари до април 2023 година да бидат издавани пробни таблички.

Од 21 април нема да бидат дозволени таквите таблички. Рокот за пререгисрација, со финансиски погодности, поместен е до 31 март 2023 година.

Откако почна примената на изрекување на предупредувањата и укорите, директорот на Полицијата за Северот Ненад Ѓуриќ одби да ја спроведува таа одлука, по што Приштина го суспендираше. Потоа на 5 ноември претставниците на косовските Срби соопштија дека ги напуштаат косовските институции на централно ниво и сите 4 општини на северот на Косово, каде живее мнозинско српско население. Косовските Срби ја напуштија и полицијата и правосудството.

Без договор на состанокот Вучиќ - Курти во Брисел

На 21 ноември, итниот состанок во Брисел на Курти и Вучиќ e завршен без договор за табличките. Високиот претставник на ЕУ Борел, кој посредуваше со состанокот, изјави дека Курти го одбил предлогот на ЕУ за решение за табличките.

Борел рече дека очекува Косово веднаш да ја запре наредната фаза на казнување поради таблички која планира да ја започне на 22 ноември, а Србија да запре со издавање на регистарските таблици со ознаките на косовските градови. Вучиќ тоа го прифати, а Курти го услови со роковите за конечен договор на Косово и Србија.

Истиот ден, премиерот Курти го прифати барањето на амбасадорот на САД во Косово, Џеф Ховениер за 48 часовно одложување на изрекувањето на казните на сопствениците на возилата кои не се пререгистрирани на РКС табличките.

Борел на 23 ноември: Косово и Србија постигнаа договор

Со оглед дека претходните преговори не вродија со плод, во меѓувреме продолжија напорите на меѓународната заедница преку дијалог да се изнајде решение за регистарските таблички. Вчера, на 23 ноември, во Брисел се состанаа главните преговарачи на Белград и Приштина, Бесник Бислими и Петар Петковиќ и по неколку часовните разговори постигнаа договор за регистарските таблички. Информацијата за постигнатиот договор ја објави високиот претставник на ЕУ за безбедносна политика Џозеп Борел.

„Србија ќе престане да издава регистарски таблички со деноминации на косовските градови и Косово ќе престане со понатамошните активности поврзани со пререгистрацијата на возилата“, објасни Борел.

По веста за постигнатиот договор на Косово и Србија, со посредство на ЕУ, останува да се види дали страните и во пракса ќе го почитуваат договореното и ќе се ориентираат кон нормализација на односите.

TRT Balkan
Популарни