Хрватска ги усвои препораките за штедење на Европската комисија     Фото: AFP

Хрватска ги усвои насоките за штедење на енергенси кои се договорени на ниво на Европска Унија за намалување на потрошувачката на гас и за пребродување на претстојната зима за која се прогнозира дека ќе биде една од најтешките во Европа. Мерките на сила стапуваат на 1 август и ќе траат до крајот на март 2023 година.

Според одлуката на Владата на Хрватска, граѓаните, домаќинствата, компаниите, институциите ќе треба да се придржуваат кон планот за штедење гас на европско ниво. Тоа значи дека ладењето на просториите не смее да биде под 25 степени, додека пак загревањето во текот на зимата до 21 степен според Целзиус.

Министерот за економија и одржлив развој Давор Филиповиќ рече дека насоките за заштеда на енергија се засноваат на пакетот документи на Европската комисија од 20 јули 2022 година за заштеда на гас. Со планот „Заштеда на гас за безбедна зима“ се предвидува потрошувачката на гас да се намали на 15%.

Се препорачува штедење на електрична енергија со употреба на ЛЕД светилки, како и заштеда на гориво со почесто користење на јавен превоз.

Насоките на хрватската влада се дека максималното загревање во текот на грејната сезона да не надмине 21 степен во внатрешните простории. Во текот на летото пак, кога се користи енергија за ладење, разликата помеѓу надворешната и внатрешната температура не треба да биде поголема од седум степени. Односно најмногу може да се достигне ладење до 25 степени. Според министерот Филиповиќ за секој степен пониска температура се троши три до пет отсто повеќе енергија.

На тој начин треба да се намали зависноста на европскиот блок од увозот на руски гас кој е ограничен поради санкциите кои ЕУ и ги наметна на Русија поради воената инвазија над Украина. Во меѓувреме се прават напори потребите на европската потрошувачка на гас да се покријат од други извори.

Ќе се штеди и на струја

Дел од препораките и не се некое ново откритие, туку потпапаѓаат под стандардните препораки за заштеда на струја. Меѓу нив се препораки за замена на старите светилки со ЛЕД светилки кои трошат помалку енергија, потоа исклучување на електричните уреди додека не се користат, и планирање на потрошувачката во периодот од денот кога е достапна евтината тарифа на електрична енергија.

Мерките се наменети пред се за домаќинствата и поединците, бидејќи како што велат од Дирекција за енергетика на Министерството за економија и одржлив развој и Институтот за енергетика „Хрвоје Пожар“ речиси 40% од потрошувачката на енергија е во рамки на станбените згради и куќите. Институциите кои го изработија планот на мерки сметаат со оглед на краткиот рок кој престои дека вакви брзи решенија може подобро да се применат на индивидуално ниво.

Од друга страна пак, долгорочните мерки според Филиповиќ треба да опфатат зголемување на енергетската ефикасност преку реновирање на станбениот фонд.

„Заеднички, заедно со цела Европа, треба да одиме во насока како да постигнеме заштеди во наредниот период и како да направиме се за да учествуваме и да и помогнеме на цела Европа во диверзификацијата на патиштата за снабдување кога зборуваме за енергетика“, рече Филиповиќ.

Властите се надеваат дека и претставниците на приватниот сектор ќе се придружуваат до препораките за штедење.

Европскиот план за намалување на потрошувачката на гас предвидува на доброволна основа сите потрошувачи, домаќинствата, јавната администрација, сопствениците на јавни згради, производителите на енергија и индустријата да преземат мерки за намалување на потрошувачката со цел да се обезбеди снабдување во услови кога Русија нема да гарантира доволно снабдување на гас за европскиот пазар.

Како одговор на тешкотиите и нарушувањата на глобалниот енергетски пазар предизвикани од руската инвазија на Украина, Европската комисија го претстави планот REPowerEU, кој исто така ја нагласува енергетската ефикасност, производството на чиста енергија и диверзификацијата на снабдувањето со енергија.

HINA
Популарни