До крајот на нејзиниот мандат, пензиите треба да се зголемат минимум за 30 отсто, па просечната пензија ќе изнесува најмалку 750 евра / Photo: Andrej Plenkovic X

Хрватска вечерва ја доби својата 16-та влада од независноста. Хрватскиот Сабор ѝ изгласа доверба на новата, трета Влада која ќе ја предводи актуелниот премиер Андреј Пленковиќ од ХДЗ.

Мандатарот претходно во Собранието ги презентираше програмата и членовите на новата коалициска влада договорени од ХДЗ и Татковинското Движење (ДП).

По десетчасовна расправа за поддршка на Владата на ХДЗ и ДП, парламентарците ѝ изгласаа доверба на Владата, од 141 присутни пратеници ЗА гласаа 79, воздржан беше еден, а ПРОТИВ беа 61.

Во петокот пред Собранието беше претставена и четиригодишната програма на новата Влада, која се заснова на пет приоритети: успешна, витална, праведна, одржлива и суверена Хрватска.

Во новиот мандат, Владата на Пленковиќ најавува просечна нето плата од 1.600 евра, минимална бруто плата од 1.250 евра и отворање на 125.000 нови работни места. Се предвидува и олеснување на стопанството за дополнителни 135 милиони евра неданочни и парафискални давачки, поттикнување на приватни истражувачки и развојни проекти во износ од над 250 милиони евра. Шест милијарди евра ќе се инвестираат во железничката инфраструктура во следните десет години за модернизирање на железничкиот транспорт.

Третата влада на Пленковиќ, исто така, планира да ја удвои еднократната финансиска поддршка за новороденче, на мајките да им даде една година пензија за секое родено дете и да го зголеми финансискиот надоместок за користење на правото на родителско отсуство за вработени и самовработени родители.

Ќе ги зголеми и износите на детскиот додаток за сите групи корисници, а до крајот на нејзиниот мандат, пензиите треба да се зголемат за најмалку 30 отсто, па просечната пензија ќе изнесува најмалку 750 евра, а за 30 отсто ќе се зголемат и социјалните надоместоци.

TRT Balkan / агенции
Популарни