Инспекторите од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) на терен ќе проверуваат дали трговците ја почитуваат одлуката на Владата за ограничување на највисоката трговска или профитна маржа за училишниот прибор, на 5 отсто за големопродажба и 10 отсто за малопродажба.
Одлуката се однесува за: ранци и ташни; тетратки, блокови, нотеси, колажи; средства за пишување (моливи и пенкала); дрвени боици; пластелин, теста за моделирање, подлоги; фломастери и маркери; мрсни боици; темперни, акрилни, водени бои и четки; линијари и дидактички материјали ; острилки и гуми за бришење; детски ножици; футроли, етуи и училишни додатоци; лепак и шестари, дигитрони, компаси и лупи.
„Трговците кои се опфатени со Одлуката на Владата за училишен прибор (Службен весник на РСМ бр. 183/24), имаат обврска да ги усогласат цените на производите. Од утре инспекторите ќе бидат на терен и ќе вршат контроли за да се утврди дали трговците постапиле во согласност со оваа Одлука. Инспекторите ќе постапуваат во рамки на нивните надлежности кои произлегуват од Одлуката, а согласно тоа и според Законот за трговија“, соопшти ДПИ.
Највисоката трговска (профитна) маржа што ја утврди Владата ќе се применува до 20 октомври годинава.
Начинот на кој ќе се постапува доколку некој од трговците дејствува спротивно од Одлуката е предвиден во Законот за трговија. Во случај да се утврди прекршување на Одлуката ДПИ најавува дека ќе следат казни кои произлегуваат од Законот за трговија. Казните изнесуваат од 800 до 10 000 евра, во зависност од големината и видот на трговецот.
„Напоменувам дека Државниот пазарен инспекторат ќе постапува исклучиво по однос на контрола на цените утврдени со Одлуката, но нема надлежност да постапува, ниту пак да влијае врз формирање на цени во трговијата на големо и трговијата на мало. Како што постапувавме претходно, така и сега, нема да има компромис за никого, законот ќе важи еднакво за сите и сите трговци опфатени со Одлуката имаат обврска да ја почитуваат“, соопшти ДПИ.
Апелира да се почитува Одлуката и ги повикува граѓаните доколку забележат неправилности веднаш да пријават во Пазарниот инспекторат.
„Работиме во интерес на граѓаните и токму затоа е донесена оваа Одлука, да се спречи личното профитерство и злоупотреба на граѓаните“, посочува ДПИ.
Пријава до пазарниот инспекторат може да поднесете на 191 или www.dpi.gov.mk.
Владата одлуката ја донесе во рамки на мерката „Помалку трошоци, повеќе за тебе! Се грижиме“, како помош на семејствата што имаат ученици со цел да се намалат трошоците за набавка на училиштен прибор.