Штрајкот го организираше Конфедерацијата на грчките вработени (ГСЕЕ) со поддршка на други синдикати и левичарски политички партии / Photo: AA

Илјадници грчки граѓани во средата излегоа на улиците во 24-часовен штрајк во знак на протест поради високите трошоци за живот, кои особено ги погодија пензионерите и работниците.

Вработените во приватниот и јавниот сектор и пензионерите оценија дека зголемувањето на платите и пензиите сѐ уште е несоодветно за да се реши проблемот со падот на куповната моќ.

Штрајкот го организираше Конфедерацијата на грчките вработени (ГСЕЕ) со поддршка на други синдикати и левичарски политички партии.

Демонстрантите побараа владата да ги зголеми пензиите, минималната плата и да направи повеќе за справување со зголемените трошоци за основните животни намирници и киријата.

Најголемиот синдикат на новинари во Грција, Синдикатот на новинари на атинските дневни весници (ЕСИЕА), Утринава во 5 часот, пак, заврши еднодневниот штрајк во сите медиумски сектори, кој почна 24 часа порано.

Радиото и телевизијата не емитуваа вести, а интернет порталите не ги ажурираа своите веб-страници.

ЕСИЕА објави дека е против „анархичните работни услови и многу ниските плати“.

Во соопштението на синдикатот се наведува дека одбивањето на работодавачите во приватниот сектор да се согласат на колективни договори за работа „резултирало со тоа работниците да добиваат скудни плати“ кои се „недоволни за задоволување на основните семејни и лични потреби“.

AA
Популарни