Дрогата била откриена во грчки автомобил кај Килкис / Photo: МВР на РСМ

Во координирана акција на македонската и грчката полиција спречен е транспорт на 85 килограми марихуана, уапсени се четворица осомничени шверцери од Струмица, а во Грција е распишана потрага по грчки државјанин.

„На 15.11.2023 во претпладневните часови од страна на полициски службеници на РЦ Исток биле забележани во движење лица со трактор и едно лице со моторцикл на планината Беласица, кои се упатиле во правец на државната граница помеѓу двете земји. Под сомнение дека лицата со тракторот преземаат нелегални активности односно пренесуваат наркотична дрога веднаш бил известен Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи од чија страна е стапено во контакт со надлежната служба во Република Грција“, информираа од МВР.

Како резултат на заедничките координирани активности помеѓу македонските и грчките служби на територијата на Грција околу 13 часот по преземени мерки од страна на полициските служби од Килкис бил лоциран автомобил во кој биле пронајдени 67 најлонски пакети со 85 килограми канабис.

„Во исто време, од страна на полициски службеници од СВР Струмица и РЦ Исток преземени се мерки и откако се утврдени лицата кои биле инволвирани во наведениот транспорт на марихуана лишени се од слобода М.Р. (34) од Струмица, С.Р. (29) од Струмица, Г.Х. (33) од Струмица и Ј.И. (38) од Струмица. На 16.11.2023 од страна на СВР Струмица поднесена е кривична пријава против наведените лица до Основно Јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје“, рекоа од МВР.

TRT Balkan / агенции
Популарни