Единаесет пратеници во грчкиот Парламент, кои минатиот месец ја напуштија главната опозициска партија Сириза, формираa нова пратеничка група Нова левица.
Лидерот на Нова левица, поранешниот министер за внатрешни работи Алексис Чарицис, рече дека сакаат „нова, модерна, европска левица, сигурна, борбена, визионерска левица, широка и отворена левица што говори искрено и јасно“, наведува државната новинска агенција АМНА.
Тврдејќи дека грчката политичка сцена преживува голема криза, која се манифестира преку поделбите во нивната поранешна партија Сириза, тој рече дека постои потреба да се изнесе здрав, амбициозен план што ќе даде одговори на главните прашања на денешницата, како што се: климатската криза, социјалната нееднаквост и севкупниот квалитет на демократијата во 21 век.
„Новата левица ќе води голема битка на европските избори во јуни 2024 година со прогресивни идеи што ќе бидат преточени во дела“, нагласи Чарицис.
Пратениците го обвинија лидерот на Сириза, Стефанос Каселакис, дека партијата ја води „недемократски“.
Меѓу пратениците кои поднесоа оставка во партијата се поранешната министерка за труд Ефи Ахциоглу, поранешната заменик-министерка за надворешни работи Сиа Анагностопулу, поранешниот заменик-министер за труд Насос Илиопулос, поранешниот портпарол на Владата, Димитрис Цанакопулос, една од основачите на партијата Меропи Цуфи, поранешниот заменик- министер за социјална солидарност Теано Фотиу, поранешниот министер за внатрешни работи Алексис Чарицис и пратениците Озгур Ферхат и Хусеин Зејбек, кои го претставуваат турското малцинство во Западна Тракија.
Подоцна им се придружи и поранешниот министер за финансии Евклид Цакалотос, додека поранешната членка на централниот комитет на партијата Пети Перка ја напушти партијата пред нив.
Каселакис дојде на чело на партијата дојде откако левичарската Сириза претрпе два тешки порази на изборите летово од конзервативната Неа демократиа, поради што нејзиниот донеодамнешен лидер, поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, поднесе оставка по 15 години на чело на партијата.
Каселакис речиси од никаде се појави на политичката сцена и кон крајот на август најави кандидатура за лидер на партијата.
Каселакис (35), првиот лидер на партија во Грција што отворено се декларирал како хомосексуалец и е мажен со Американецот Тајлер Макбет, успеа да ја победи поранешната министерка за труд Ахциоглу, која беше фаворит, а воедно и првата жена што се натпреварувала за местото лидер на Сириза.