По отворањето на пленарната седница, опозициските пратеници од Демократската партија фрлаа факели во салата / Photo: AA

Во Парламентот на Албанија и на денешната седница се случија тензии и инциденти откако пратениците од опозицијата ја блокираа пленарната седница на која беше планирано да се расправа за измените во Деловникот на Парламентот и за некои предлог-закони.

Тензиите започнаа пред почетокот на седницата бидејќи пратениците од опозицијата, исклучени поради тензиите на претходните седници, се судрија со персоналот на албанската гарда откако се обидоа насилно да влезат во салата за пленарни седници, при што се оштетени и прозорците на главната врата на салата за пленарни седници.

Во моментов на сила е мерката 10 дена исклучување од учество на пленарна седница и собраниски комисии за 13 пратеници од опозицијата по тензиите на изминатите собраниски седници.

По отворањето на пленарната седница, опозициските пратеници од Демократската партија фрлаа факели во салата, спречувајќи ги пратениците да продолжат со дискусиите.

Седницата, која траеше 8 минути, ја затвори претседателката на албанскиот Парламент, Линдита Никола, а измените на собранискиот Деловник беа изгласани со 74 гласа „за“, ниту еден против и ниту еден воздржан од вкупно 140 пратеници во албанскиот Парламент.

Измените на Деловникот на Парламентот на Албанија ги предложи владејачката партија, Социјалистичката партија на Албанија, по неодамнешните тензии на собраниските седници.

Според одлуката за измените, во дисциплинските мерки „исклучување од учество во комисии или на пленарна седница“ од 10 дена, колку што беше, се зголемува на 30 дена или 60 дена.

Поранешниот премиер на Албанија, Сали Бериша, кого Собранието го признава за пратеник надвор од пратеничките групи поради неодамнешните судири во Демократската партија, по седницата рече дека „опозицијата постигна целосен успех во својата мисија“.

„Ова е уништување на Парламентот. Во монистички систем опозицијата има само една мисија, издржливост, издржливост и само издржливост. Граѓанска непослушност“, рече Бериша.

Од друга страна, според одлуката на Уставниот суд на Албанија објавена на 13 декември, процесот за ратификација во Парламентот на „Протоколот меѓу Советот на министри на Република Албанија и Владата на Италија за зајакнување на соработката во областа на миграцијата“, закажан за денеска, е прекинат.

Уставниот суд одлучи да го разгледа барањето на пратениците од опозицијата за споменатиот Протокол потпишан на 6 ноември 2023 година меѓу Албанија и Италија.

Според пратениците од опозицијата, кои на 6 декември 2023 година до Уставниот суд поднесоа барање за контрола на уставноста на Протоколот, во однос на овој Протокол „имаше целосен недостиг на транспарентност“ и побараа и суспензија на процедурите за ратификација.

Седницата на Уставниот суд по ова прашање ќе се одржи на 18 јануари 2024 година.

Последните пленарни и парламентарни седници на Парламентот на Албанија беа зафатени со тензии.

Пратениците од опозицијата потенцираа дека „опозицијата е решена со сите сили да ги брани своите уставни права со оваа битка во Парламентот“ бидејќи, според нив, не се почитуваат нивните права и не се одобруваат нивните иницијативи и барања.

Пратениците на Демократската партија на Албанија (ПД) и други пратеници од опозицијата претходно изјавија дека „Парламентот се претвори во лична институција на премиерот Еди Рама и на претседателката на Парламентот, Линдита Никола“.

AA
Популарни