Албанија ѝ врати на Северна Македонија 20 икони што им припаѓаа на нејзините цркви и манастири, кои беа конфискувани од албанските власти пред повеќе години.
Министерката за култура на Албанија, Елва Маргарити, на социјалните мрежи напиша дека по десетгодишна работа успешно го завршиле процесот на предавање на 20 икони кои им припаѓале на црквите и манастирите во Северна Македонија.
„Во име на албанската Влада и ги предадов на колешката Бисера Костадиновска Стојчевска овие икони конфискувани во 2013 година и кои се покажаа дека се сопственост на соседната држава. Ѝ благодарам на македонската страна за плодната соработка и на целата албанска и меѓународна институциите кои станаа дел од оваа операција. Уште еднаш албанската држава покажа дека е на страната на законот, давајќи позитивен пример во процесот на враќање на ограбените, исчезнатите или изгубените предмети од културно наследство во земјата на потекло, во во согласност со меѓународните конвенции“, напиша Маргарити.
„Македонската Влада високо го цени и го вреднува овој историски чин на враќање на дваесет икони кои им припаѓаат на македонските цркви и манастири. Иконите ги очекува уште едно патување. Овој пат да се вратат онаму каде што припаѓаат и си тежат. Заедно си одиме дома, порача министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на церемонијата во Тирана .
„Во овој гест како израз на пријателство од страна на Владата на Република Албанија, премиерот Еди Рама и мојата колешка, министерката Елва Маргарити, не ја препознаваме само политичката порака за почитување на преземените обврски како држави. Многу повеќе ја препознаваме пораката за етичкиот и моралниот однос, како и вреднување на македонското заштитено културно богатство, рече Костадиновска-Стојчевска.
Примопредавањето се одржа во Националниот историски музеј во Тирана.
Во 2013 година албанските власти заплениле стотици икони и уметнички дела за кои се вели дека биле украдени или препродадени.