Каде во регионот учебниците за учениците се бесплатни?     Фото: ТРТ Балкан

Почетокот на новата учебна година за учениците носи возбуда и нови предизвици, а за родителите обврска да ги обезбедат неопходните услови, меѓу кои и училишниот прибор со цел следење на наставата и извршување на училишните задачи.

Анализите од теренот покажаа дека оваа година трошоците за училишниот прибор во основно образование се зголемија во просек за 50 отсто што дополнително го оптеретува домашниот буџет, а тоа особено се чувствува во време на зголемена инфлација и енергетска криза.

Во Србија и БиХ се плаќаат учебниците, но има исклучоци

Но, олеснителна околност за родителите чии деца се ученици се бесплатните учебници кои ги добиваат од училиштата. Од сите републики од регионот, родителите ги плаќаат учебниците во Србија и во Босна и Херцеговина.

Исклучок од ова правило, во Србија се одредени категории на ученици како оние од материјално загрозените семејства, ученици со посебни потреби, но и ученици со исклучителни способности.

Цените на комплет учебници се разликуваат од училиште до училиште бидејќи наставничките совети секоја година донесуваат одлука за избор на учебници за предметите за секое одделение посебно, на предлог на стручните совети за одреден премет.

Според достапните податоци од истражувањата во Србија, родителите на учениците првачиња треба да издвојат помеѓу 60 и 70 евра за учебниците, во зависност во кое училиште оди детето. За повозрасните ученици цените на учебничките комплети се повисоки поради поголемиот број предмети.

Во Босна и Херцеговина, учебниците во основно образование се бесплатни во некои кантони и општини. На пример, Владата на Кантонот Сараево соопшти дека ќе обезбеди бесплатни учебници за учениците од 5-9 одделение во сите основни училишта кои делуваат како јавни установи во Кантонот Сараево.

Цените на учебничките комплети за првачињата се движат од 50 евра па нагоре. За другите одделенија, во зависност од бројот на предметите, зависи и висината на трошоците за учебниците.


Бесплатни учебниците за учениците во Северна Македонија

Во Северна Македонија учебниците за основно и средно образование се бесплатни, а услов е да се вратат во училиштето на крајот од учебната година.

„Оваа учебната година ја почнуваме поподготвени од изминатите, учениците од првиот ден ќе имаат учебници и помошни материјали“, изјави ден пред почеток на новата учебна година министерот за образование Јетон Шаќири.

Учебниците за учениците во основно и средно образование во Северна Македонија се бесплатни од учебната 2009/2010 година.

Бесплатни учебници за учениците во Црна Гора

Од минатата 2021/2022 година и во Црна Гора учебниците за основците станаа бесплатни, а ги обезбедува Министерството за образование на Црна Гора. Оттаму соопштија дека и оваа година ресорното министерство обезбедило бесплатни учебници за сите ученици на јавните установи во основно образование.

Од 2018 година бесплатни учебниците во Албанија

Од септември 2018 година учебниците од 1-4 одделение се бесплатни и во Албанија.

Според тогашните податоци, кога учениците за првпат добија бесплатни учебници, на најмалку 125.000 семејства им е намален просечниот трошок од околу 36 евра годишно за секое дете кое е во основно образование.

Навремено доставени учебниците во училиштата во Косово

Учебниците се бесплатни и за учениците во основното образование во Косово. Министерката за образование, наука, технологии и иновации на Косово, Арберие Нагавци, најави дека оваа учебна година нема да има доцнења во испорака на учебниците во училиштата. Ден пред почеток на учебната година таа на прес-конференција соопшти дека се направени сите подготовки за почеток на учебната година и дека се поделени сите учебници.

TRT Balkan
Популарни