„Пред 115 години, токму во нашата Битола, се случи унифицирањето на албанската азбука како клучен чекор за кодификацијата на албанскиот јазик, што несомнено е еден од најзначајните стожери на културниот и духовниот идентитет на Албанците“/ Photo: AA Archive

Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на албанската азбука, упати честитка до припадниците на албанската етничка заедница во Северна Македонија.

Честитката на Пендаровски е објавена од страницата на претседателскиот Кабинет.

Пендаровски нагласи дека денес прославуваат особено значаен празник за албанскиот народ, односно Денот на албанската азбука.

„Пред 115 години, токму во нашата Битола, се случи унифицирањето на албанската азбука како клучен чекор за кодификацијата на албанскиот јазик, што несомнено е еден од најзначајните стожери на културниот и духовниот идентитет на Албанците“, истакна Пендаровски.

„На почетокот на 20 век во тогашната Отоманска Империја највидните албански интелектуалци од целиот свет се собраа на конгрес што ќе резултира со историска одлука за усвојување на албанската азбука“, рече тој.

Пендаровски подвлече дека плодовите од овој круцијален политички и културен чин ги уживаат сите Албанци каде и да се.

„Ние сме горди што денес албанската заедница е нераскинлив дел од мултикултурна и мултиетничка Република Северна Македонија. Испраќајќи најискрени желби празникот да го поминете во мир, здравје, радост и благосостојба, посакувам уште еднаш да ги потврдиме заедничките уверувања за солидарност и за рамноправност, како клучни за просперитетот на нашата заедничка татковина. Честит 22 Ноември“, додаде Пендаровски во својата честитка.

TRT Balkan / агенции
Популарни