Избрани новите министри во Владата на Северна Македонија / Photo: Влада на РСМ

Владата на Северна Македонија соопшти дека со мнозинство гласови, Собранието на земјата избрало четворица нови министри.

Во владиното соопштение се наведува дека на предлог на претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, со мнозинство гласови, Собранието на Северна Македонија ги избра следните нови министри:

„Кренар Лога за министер кој ќе раководи со Министерството за правда; Фатмир Меџити, за министер кој ќе раководи со Министерството за здравство; Азир Алиу, за министер кој ќе раководи со Министерството за информатичко општество и администрација; Каја Шукова за министерка која ќе раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање“, се истакнува во соопштението.

„Како Влада, продолжуваме, ефикасно да ги спроведуваме реформите во интерес на граѓаните и ќе го зајакнуваме парламентарното мнозинство, по трасираниот, европски пат, со цел членство на Република Северна Македонија во Европската Унија, како национален и стратешки државен интерес“, се додава.

Претходно, по предлогот за разрешувања доставен од премиерот Ковачевски, Собранието на Република Северна Македонија ги констатира оставките на министерот за правда Никола Тупанчевски, и на министерот за животна средина Насер Нуредини, а со зголеменото парламентарно мнозинство, Собранието на Република Северна Македонија ги разреши: Беким Сали од функцијата министер за здравство, Адмирим Алити од функцијата министер за информатичко општество и администрација и Џемаил Чупи, од функцијата министер без ресор, задолжен за дијаспора.

TRT Balkan / агенции
Популарни