Командантот на КФОР, генерал-мајор Ференц Кајари, изјави дека КФОР ќе реагира во случај на безбедносна закана и дека војниците на КФОР нема да дозволат барикади на патиштата.
Гостувајќи на јавниот сервис Радио-телевизија на Косово (РТК), Кајари потсети дека мандатот на КФОР, според резолуцијата 1.244 на Советот за безбедност на Обединетите нации, е да ја зачува безбедната средина и да ја зачува слободата на движење за сите граѓани на Косово.
„Доколку се направат барикади, тоа го спречува слободното движење, а ако не се постигне договор, тогаш ќе дојдеме до момент кога КФОР ќе треба да дејствува за да овозможи слобода на движење“, рече Кајари.
Тој наведе дека КФОР го зајакнале своето присуство на северот на Косово, со воспоставување набљудувачки пунктови и точки за техничка контрола низ целата област.
„Исто така, ја зголемивме патролната активност во целиот регион. Овие мерки се преземаат со цел да бидеме подготвени за секој инцидент и заради поголема безбедност. Доколку постојат тензии, ќе постапиме според нашиот мандат“, изјави Кајари за РТК.
Командантот на КФОР оцени дека безбедносната ситуација во северниот дел на Косово е смирена по неодамнешните настани, кога локалните Срби поставија барикади на патиштата како одговор на одлуката на Владата на Косово да воведе реципроцитет за српските лични документи и да отпочне процесот на пререгистрација на возилата со српски таблички кои имаат ознаки на косовски градови на табличките РКС.
Првиот човек на мировните трупи на НАТО на Косово побара од сите страни да се воздржат од еднострани дејствија, да преговараат за сѐ и да постигнат решение преку политички договор, бидејќи „поставувањето барикади не помага да се реши ситуацијата“.
Кајари не сакаше да коментира дали претседателот на Србија побарал од него да ги концентрира војниците на КФОР на мостот преку реката Ибар, кој ја дели Митровица на северен дел со мнозинско српско население и јужен дел со мнозинско албанско население. Тој рече дека тие и никој друг не одлучуваат за активностите на воената мисија на КФОР.
Тој посочи дека КФОР е трет во синџирот на реакции, по Косовската полиција и ЕУЛЕКС, Мисијата на Европската Унија за владеење на правото на Косово.
„Соработката со Косовската полиција е редовна и доста добра и таа ги координираа активностите на терен, како и некои заеднички патроли“, рече Кајари.
Генерал-мајор Кајари изјави дека КФОР внимателно ја следи ситуацијата на граничната линија и дека не е забележано ништо посебно, нема необични активности.
Исто така, на прашањето дали постои опасност од потенцијален ризик од војна на Косово, тој одговори дека не постои закана и дека војната не е релевантно прашање.
„КФОР не виде никакви индиции за таков настан. Во овој дел не постои опасност од војна, таму се НАТО и КФОР“, рече Кајари.
Тој, исто така, рече дека не е добро да се зборува за војна, но дека НАТО може за релативно кратко време да ги зголеми воените трупи и дополнителната опрема доколку има потреба, додавајќи дека за тоа било разговарано и со премиерот на Косово, Албин Курти.
Тој наведе и дека НАТО има договор со Косовските безбедносни сили за нивните активности на северот на Косово, врз основа на кој тие не можат да одат на север од Косово без согласност на командантот на КФОР.
Косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ се сретнаа минатата недела во Брисел во обид да најдат решение по одлуката на косовската Влада за воведување реципроцитет, но таа средба не резултира со договор.
Со цел изнаоѓање решенија, вчера на Косово пристигна американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, а денеска му се придружува и специјалниот претставник на Европската Унија за дијалог, Мирослав Лајчак. По Приштина, Ескобар и Лајчак ќе го посетат и Белград.
По тензиите на северот на Косово на 31 јули, косовската Влада во консултација со меѓународните партнери, пред сѐ со САД, го одложи спроведувањето на мерките за 1 септември.